Пропадна и најновиот обид за именување претседател на Каталонија

Каталонскиот поборник на независноста на оваа шпанска покраина Жорди Туруљ не беше изгласан во четвртокот ноќта за претседател на владата на Каталонија откако одбија да го поддржат пратениците на антикапиталистичката партија за независност CUP.

Во сабота ќе биде одржан и вториот круг од гласањето, а доколку и тогаш Жорди Туруљ не биде избран, ќе продолжи политичката неизвесност во Каталонија.

Туруљ до би поддршка од 64 пратеници додека против неговиот избор гласа 65 пратеници, а четворицата пратеници од CUP се воздржаа од гласањето. За неговото именување потребни се 68 гласови од вкупно 135 пратеници. Расправата во регионалниот каталонски парламент траеше повеќе од пет часа пред да се пристапи на гласањето.

Туруљ го кандидираа две формации за независноста, Заедно за Каталонија и Каталонската републиканска левица (ERC), откако минатите седмици пропадна нивниот обид да ги кандидираат Карлес Пучдемон и Жорди Санчез, и двајцата обвинети од централната влада во Мадрид за бунт против Шпанија. Пучдемон е во егзил во Белгија и му се заканува апсење додека се врати во Шпанија, а Санчез е во притвор покрај Мадрид. И двајцата се пратеници во парламентот, и во четвртокот не можеа да гласаат, а шпанскиот суд оневозможи својот глас да го делегираат на друг пратеник.

Седницата на којашто требаше да биде избран Туруљ беше набрзина свикана во средата вечерта од страна на претседателот на парламентот на Каталонија, Рожер Торен.

Меѓутоа CUP, партијата која инсистира на продолжување на патот кон прогласување независност одбива да го поддржи. Нивните четворица пратеници се воздржаа од гласањето, со што поборниците на независноста не успеаја да го изберат Туруљ. Антикапиталистичката партија го условува неговиот избор со „создавање Република“ и со откажување од статусот на автономија. Оваа партија е незадоволна од ублажувањето на ставот на довчерашните партнери, Заедно за Каталонија и ERC.

Во саботата на новото гласање на Туруљ нема да му биде потребна поддршка од повеќе од половината пратеници во парламентот, туку ќе му биде потребно просто мнозинство. Меѓутоа, без поддршката на CUP резултатот ќе биде ист.

Каталонија, којашто создава 19 отсто од БДП-тоа на Шпанија, веќе три месеца нема влада. Во декември на вонредните парламентарни избори кои ги распиша владата во Мадрид откако ја суспендираше каталонската автономија, повторно повеќе места освоија партиите кои се залагаат за отцепување.