Пропдна и вториот оглас за доградба на жичарницата на Водно

Министерството за транспорт и врски по вторпат не успеа да избере компанија што ќе ја гради жичарницата од Средно Водно до Институтот за белодробни заболувања во населбата Козле.

Во изјава за „Дневник“, од надлежното министерство појаснуваат дека на последниот оглас пристигнала само една понуда што не ги задоволила тендерските критериуми. Третиот по ред тендер за планираниот проект треба да се распише во текот на наредната година.

Продолжувањето на трасата на скопската жичарница на Водно ќе го чини државниот буџет над 378 милиони денари, односно 6,1 милиони евра.

Вкупната должина на втората секција од жичарницата на Водно треба да изнесува 1.600 метри и треба да се изведе во рок од 12 месеци по потпишувањето на договорот. За реализација на проектот веќе е подготвена целокупната документација. Основниот проект за сегментот од Средно до Долно Водно е изработен од австриската фирма „Допелмаер“. Првиот тендер за изведба на новата секција од жичарницата беше објавен во декември 2015 година.

Жичарницата на потегот од Средно Водно до Милениумскиот крст беше пуштена во употреба на почетокот од јуни 2011 година. За оваа делница од тогашниот државен буџет се издвоија 6,7 милиони евра.