Проруските сепаратисти го заземаа Дебалцево

Проруските сепаратисти влегле во источниот украински град Дебалцево, каде сега се борат со украинската армија, која се обидува да ја задржи контролара врз овој стратегиски железнички јазол, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на двајца украински претставници и на еден сепаратист.

Борбите се префрлени во внатрешноста на градот, јавува БТА.

– Бунтовниците употребуваат минофрлачи, фрлачи на гранати и огнено оружје, изјави заменик началникот на регионалната милиција Олександар Кива.

Украински воен портпарол, чие име не се наведува, ги потврди зборовите на Кива.

Проруски сепаратистички извор изјави дека сепаратистите веќе зазеле поголем дел од градот, што под нивна опсада беше веќе неколку недели, дополнуваат француските медиуми.

Министерството за одбрана на самопргласената „Доњецка Народна Република“ сопшти дека борци на „ДНР“, како и на „Луганската Народна Република“ ја контролираат железничката станица во Дебалцево, како и источното предградие на градот, пренесе ТАСС.

-Во Дебалцево одамна има наши воени единици, главно од „ЛНР“, но има и борци на „ДНР“. Ние ја контролираме железничката станица и источното предградие на градот. Но, тоа не е голем дел од градот, изјави претставник за „Доњецката новинска агенција“ во одговор на тврдењето дека бунтовниците контролирале голем дел од Дебалцево.