Проруските сепаратисти побараа од ОН мировници во Донбас

Лидерите на проруските сепаратисти во источна Украина, побараа денеска свикување итна седница на Советот за безбедност на ОН, на која би било одобрено испраќање на меѓународни мировни сили во реонот на Донбас.

Лидерите на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ (ДНР) соопштија дека бараат „интервенција на мировните сили, кои би вклучувале и руски војници, со мисија за контрола на инплементацијата на постојниот договор за прекин на огнот, како за и помош во решавање на хуманитарната и социјалната ситуација“.

Пруруските сепаратисти и украинската Влада во септември потпишаа договор за прекин на огнот, но со него седуммесечнта криза се уште не е решена.

Околу 1.000 луѓе ги загубија животите од дента кога беше прогласено примирјето, соопштија минатата недела ОН.

Портпаролот на украинската војска, денеска изнесе податоци дека во зоната на судири во моментов се наоѓаат меѓу 15.000 и 20.000 припадници на проруските сили, како и пет до десет илјади руски професионални војници.

Русија демантира дека директно ги поддржува сепаратистите и тврди дека доколку има руски војници во конфликтната зона, станува збор за доброволци.