Проруските сепаратисти собориле два украински борбени авиони

Проруските сили денеска на истокот на Украина собориле два борбени авиона на украинската армија, соопшти украинското Министерство за одбрана.

Во соопштението на Министерството се наведува дека борбените авиони „Сухој-25“ биле соборени околу 13.30 часот по локално време на подрачјето на висорамнината Саур-Могила, на истокот на Украина, пренесоа американските медиуми.

Засега не е познато што се случило со пилотите, а портпаролот на Министерството за одбрана, Алексеј Дмитрашковски, изјави дека во секој од авионите се наоѓале најмногу по два члена на екипажот.

Француските медиуми ја пренесуваат изјавата на Дмитрашковски според кого двата украински борбени авиона биле соборени на приближно 25 километри од местото на падот на патничкиот „Боинг 777“ на малезиската авиокомпанија, што летал од Амстердам кон Куала Лумпур.

Укринските медиуми ја пренесуваат изјавата на претставникот на украинскиот Штаб за спроведување антитерористички операции, Владислав Селезњов,  според кого авионите биле соборени во областа на селото Дмитровка, на југ од Луганската област.

Според него, пилотите се катапултирале.

ИТАР- ТАСС, повикувајќи се руски медиуми, соопшти дека е пронајден падобранот на еден од пилотите, кој успеал да се „сокрие во шумскиот појас“.

– Двата украински воени авиона се соборени со рачен ракетен фрлач откако пукале врз борбените позиции на „Доњецката Народна Република“ во областа на ридот Саур-Могила, источно од Доњецк.

Првиот авион е соборен во област на котата „185“, а вториот во областа Дмитровка, наведува руската агенција, повикувајќи се на очевидци, припадници на проруските сили.