Проруските сили се групираат за одбрана на Доњецк

Проруските сили кои во саботата се повлекоа од Славјанск се прегрупираат денеска во Доњецк, на истокот на Украина за да ја продолжат борбата против украинските сили. Украинските безбедносни официјални лица, соопштија дека имаат потполна контрола над Славјанск, каде што од вчера се виори украинското знаме.

„Украинските сили во потполност ги контролираат Славјанск и Краматорск,“ изјавил Андриј Лисенко задолжен за антитерористичка операција.

Тој додаде дека владата започнала да работи на обнова на срушената инфраструктура на градот и настојува да обезбеди храна и вода за населението.

Проруските сили во саботата беа приморани да ги напуштат своите позиции во Славјанск и да се повлечат на однапред планирани резервни позиции, во и околу главниот град на Доњецк.

Повлекувањето на проруските сили од Славјанск би можело да биде знак дека властите во Киев конечно постигнуваат успех во едномесечната борба со проруските сили, оценува АП.

Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека повторното преземање на контролата над Славјанск е пресвртница во операцијата против проруските сили на истокот на земјата.