Просечната нето плата во октомври 21.717 денари

Просечната нето плата исплатена по работник во октомври 2014 година изнесува 21.717 денари и во однос на октомври 2013 година бележи пораст од 2,2 отсто.

Како што објави Државниот завод за статистика, ваквото зголемување се должи, пред сè, на порастот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите Рударство и вадење на камен за 10,5 отсто, Градежништвото 6,8 и Дејности на здравствена социјална заштита за 5,5 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите Рударство и вадење на камен  за 9,6 отсто, Образование за 5 и Дејности на здравствена и социјална заштита  од 4,5 проценти.

Просечната бруто плата во октомври, како што објави Државниот завод за статистика, изнесува 31.847 денари.

Во октомври 2014 година, според податоците на ДЗС, 1,4 отсто од вработените во Република Македонија не примиле плата.