Проширувањето да продолжи, Луксембург не ја блокира Македонија

Јас не сум за тоа да запре проширувањето на Европската унија, ниту, пак, Луксембург ја блокира Република Македонија во европските интеграции. Ова е пораката на новиот премиер на Луксембург, Ксавиер Бетел, дадена во изјава за МИА на синоќешната негова средба со новинари-дописници од Брисел во земјата на Големото Војводство, меѓу кои и дописникот на МИА од европската престолнина.

Коментирајќи за состојбата на Македонија во однос на Унијата и запирањето на целиот процес на проширување, Бертел, кој лани по 19 години владеење го замени Жан-Клод Јункер на премиерското место во Луксембург, вели дека е грешка што пораката на Европската унија е дека нема да има нови земји-членки на ЕУ.

– Идниот претседател на Европската комисија, Јункер, рече дека не треба повеќе да има проширување во моментов, но факт е дека ако се прошируваме, треба да им објасниме на луѓето зошто тоа го правиме. Сепак, силно верувам ако сме одредиле правила, тогаш истите треба да ги почитуваме и важно е да се каже да или не. Не можам да прифатам дека треба да поминат 30-40 години за една земја да стане членка ако може тоа да се случи побрзо, дециден е 41-годишниот премиер на државата што според глава на жител има најголем придонес во буџетот на Европската унија.

На прашањето конкретно да одговори што мисли за ситуацијата со македонските евроинтеграциии позицијата на змејата што девет години е кандидат за членство, а пет години добива позитивни препораки од Еврокомисијата да ги почне пристапните преговори, Бетел најпрво со одговор: „Не знам дали знаете, но јас студирав во Грција, ќе рече првиот човек на Луксембург, алудирајќи дека во однос на проблемот можеби би завзел страна поради своите студентски денови минати во Солун.“

Сепак, Бетел додаде дека тој смета оти „би било грешка ако директно се каже дека нема да има проширување следните пет години, а што е реалност“.

– Но, не ме прашувајте за позицијата за вашата земја дали ќе биде или не, оти тоа е одлука за која мора да донесеме решение. Но, морам да ви кажам дека јас не сум тој кој блокира било кое проширување, посебно кога правилата се идентични и истите се почитуваат, истакна Бетел во однос на Македонија.

Во однос на целиот процес на проширување на ЕУ, луксембуршкиот премиер го посочи фактот дека она што е за него е важно е што тој поаѓа од принципот. – Знам дека ова нема да биде најпопуларен одговор за Европската унија, но покрај принципот, постојат и правила и не може да го отстраниме крајот оти кога сме започнале трка мораме едноставно и да финишираме, посочи Бетел.

Тој дополни дека исто така би сакал да говори и за ситуацијата со Турција и дека не може да им се кажеме на Турците дека ќе биде, ама не сега.

– Постојано го одложуваме крајот, па иако е почната трката, постојано ја поместуваме целната линија, завршува Бетел.

Коментирајќи други теми на неговата средба со дел од дописниците од Брисел, Ксавиер Бетел го пофали новиот состав на Европската комисија предводен од неовиот лут политички противник Јункер. Тој рече и дека новото мнозинство во Европарламентот мора да биде проевропско и „на некои што сакаат од срцето на ЕП да ја уништат Европа, да им се објасни што е Европа“.

Во однос на денешниот референдум во Шкотска, премиерот на една од најбогатите земји-членки на ЕУ истакна дека за него е тешко да говори за национални прашања, каков што е референдумот, но посочи дека во случај изјаснувањето на Шкотите за независност да успее, дека тогаш ќе се отвори дебата за новата ситуација во различни земји и истата ќе ја смени мапата на Еворпа.

– Сепак, јас се надевам дека Велика Британија ќе остане Обединето Кралство и нема да решаваме мозаици во иднина, истакнува Бетел.

Премиерот на Луксембург посочи дека е среќен што шест финансиски институции од Кина отвориле свои претставништва во неговата земја, а во однос на ситуацијата во Грција истакна дека има позитивни сигнали, но дека оваа земја во криза треба да дава точни бројки во однос на состојбата во која се наоѓа.

– Важно е да им кажеме на нашите граѓани за што секористат нивните пари во однос на помошта на друга земја која мора да ги почитува правилата при добивањето на заеимите. Некои политичари во Европа, како грчкиот премиер Андонис Самарас, мора да превземат тешки одлуки оти лесно е како премиер само да даваш како Дедо Мраз, додава Ксавиер Бетел.

Во однос на светската коалиција што се прави против Исламската држава на Левант и Ирак (ИСИЛ), луксембуршкиот премиер вели дека не може да прифати религијата да се користи за да се објаснат терористички акти. Според него, нема врска религијата кога се убиваате луѓе и дека треба да запреме како што вели: „Ова однесување кое не е прифатливо и не е религиско прашање, туку терористичко!“.

На крајот од брифингот, Бетел рече дека не прифаќа именување на посебен, постојан шеф на Еврогрупата, бидејќи тоа би повлекло големи финансии. Исто така, тој искритикува некои земји-членки на Европската унија што за пари продаваат државјанства.

МИА