Проширувањето на ЕУ високо на агендата на италијанското претседателство

Претседателот Ѓорѓе Иванов оствари средба со италијанската министерка за надворешни работи, Федерика Могерини на која разговарале за билатералните односи меѓу двете земји, политичката и економската соработка, како и за состојбите во врска со интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

Италијанската министерка била запознаена со статус-кво состојбата на Македонија, која е блокирана и во ЕУ и во НАТО и за разговорите за разликата околу името, како и за проактивниот и конструктивен пристап на нашата земја во унапредувањето на добрососедските односи.

Иванов истакна дека Македонија бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски, и во таа насока очекува поддршка од Италија и од земјите – членки на ЕУ, кои воедно се и членки на НАТО, дополнувајќи дека е потребно и во нашиот случај да се применат позитивните примери од регионот, на паралелно движење на преговорите со надминувањето на билатералната разлика.

Во однос на јакнењето на регионалната соработка, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија од Италија очекува поддршка и во настојувањата за членство во Јадранско-јонската иницијатива.

Министерката Могерини, истакна дека Италијанската Република како претседавач со Европската унија дава целосна поддршка по однос на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, додавајќи дека проширувањето останува високо на агендата на италијанското претседателство. Таа ја истакна подготвеноста на Италија да помогне во интеграцијата на земјите од регионот во Европската унија и во НАТО и изрази надеж дека за време на шестмесечното претседателство ќе биде направен чекор напред во интеграцијата на Република Македонија.

На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално пријателски, со висок степен на разбирање и доверба и беше изразена заедничката определба за постојано унапредување и интензивирање на политичкиот дијалог и понатамошно динамизирање и унапредување на билатералната и економската соработка.