Македонија

Просветарите кренаа раце, поддршката за СОНК се помала, утре настава ќе има

Просветарите кренаа раце, поддршката за СОНК се помала, утре настава ќе има

Утре ќе има редовна настава во училиштата, без разлика дали најавениот штрајк на СОНК ќе се одржи или не. Министерството за образование и наука го повика СОНК на средба за надминување на несогласувањата во пресрет на најавениот штрајк на оваа синдикална организација.

Училиштата не го поддржуваат штрајкот на Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата, Директорите на училишта, градинки и нивните синдикални организации од голем број на општини денеска најавија дека настава ќе има, ќе се одвива редовно и апелираат до родителите да ги пуштат децата на училиште.

СОНК нема поддршка за штрајкот речиси во ниту еден град. Изминатите денови голем број регионални одбори на СОНК одбија да го поддржат штрајкот, о образложение дека се работи за лични интереси во тесното раководство. СОНК не доби поддршка ниту од гранковите синдикати при КСС, седум од девет гранкови синдикати обдија да го поддржат штрајкот , апелирајќи до раководството на СОНК конечно да се вразуми, додека не се предизвикаат уште поголеми последици по воспитно-образовниот процес на учениците во преден план и конечно уште поголеми последици во целиот образовен систем во земјата

– Наместо консулатции и дијалог најпрво низ телата на синдикалната организација во која сите ние членуваме – КСС, а потоа и продолжување на дијалогот со Владата како најефективно средство за надградба и унапредување на работничките права, претседателот на СОНК се одлучи за заобиколување на сите правни механизми и дректно наметнувајќи ја идејата за остварување на личните амбиции и задржување на актуелната позиција преку негов реизбор во престојниот период, тој посегна по правото на децата на образование, истакна генералниот секретар на КСС Љубе Стојковски.

Поддршката за СОНК сè помала

Пораки до СОНК дека штрајкот нема да биде поддржан вчера стигнаа од десеттина општини.

Во Прилеп директорите на средните и основните училишта каде учат над 11.500 ученици, на пресконференција денеска соопштија дека не ја поддржуваат одлуката за штрајк и се категорично против штрајкот.

– На денешниот состанок на директорите од средните и основните училишпта донесовме заклучок дека сме пртив штрајкот во училиштата во градот. Ова произлезе затоа што не е ниту хумано, ниту етички учениците кога ќе дојдат на настава да наидат на затворени врати. Педагошки е децата да се образоваат и воспитуваат, а не да ги враќаме од училиште поради некои интереси, изјави Жарко Темелкоски, директор на Средното електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ пренесувајќи го ставот на сите директори на средните и основните училишта во Прилеп.

Според директорите, преговорите може да продолжат понатаму со Владата и со другите ресорни министерства. – Меѓутоа тие преговори да одат во насока на подобрување на образовниот процес во училиштата, а не на ваков начин ние да ги казнуваме децата и тие да трпат штети од ова, рече Темелкоски.

Во моментот директорите велат не знаат кои наставници в понеделник би отсуствувале од настава, но дека ќе се постапи според законот. – Оние колеги кои ќе се дрзнат самоволно да не држат настава, директорите ќе постапат согласно законот, односно, ќе се најде замена за нив. Не знаеме кои наставници би отсуствувале, меѓутоа, доколку настане потреба од замена, секако дека ќе се преземат мерки за надоместување на изгубените часови, односно, одржување на воспитно-образовниот процес во училиштата, вели Темелкоски.

Во Велес, исто така, наставата в понеделник ќе се одвива вообичаено. Против штрајкот на СОНК во таа општина се изјаснија директорите и мнозинството членови во синдикалните организации на училиштата „Димитрија Чуповски“ и „Блаже Конески“.

– Нашето училиште наредната недела е во попладневна смена, а наставата си почнува во 13:30 часот. Наставниот процес ќе си тече без никакви пречки, вели директорт на хемиското ССОУ „Димитрија Чуповски“ Горан Јанков.

Во Неготино во името на директорите на двете основни и едно средно училиште во општината и согласно известувањата од страна на претседателите на синдикалните организации од таа општина Весна Јованова директорка во ОУ „Гоце Делчев“ изјави дека наставниците не го поддржуваат генералниот штрајк на СОНК, односно нема да учествуваат во штрајкот со што воспитно образовниот процес непречено ќе се одвива. – Би напоменала дека од наша страна како директори се испочитувани сите одлуки од СОНК и обезбедени се сите услови за непречена реализација на штрајкот, вели Јованова.

Редовно одвивање на наставата во понедленик ќе има и во Пробиштип. Радослав Илиевски, раководител на одделението за јавни дејности на општина Пробиштип информира дека во понеделник општинските училишта и детската градинка ќе работат редовно односно нема најава од страна ниту на училиштата ниту од детската градинка за учество во штрајк.

– Сакаме да соопштиме на сите родители да немаат дилема дали ќе има штрајк или нема да има штрајк во општина Пробиштип во општинските училишта и детската градинка. На 29 септември училиштата и детската градинка ќе си работат со сите свои редовни активности, рече Илиевски.

Со слични информации излегоа и директори на училишта во општините Битола, Гевгелија, Радовиш, Кавадарци и во Кочани.

СОНК не гарантира плата за наставниците

Согласно колективниот договор потпишан пред неколку години утврдено е дека на наставниците кои ќе штрајкуваат поради зголемување на правата, нема да им бидат исплатени плати за време на неработењето. Во договорот е предвидено во такви услови да им бидат исплатени само придонесите.

Оттука произлегува и прашањето дали СОНК, кој повикува на штрајк, ја превзема обврската и има средства да им ги исплати платите на наставниците кои ќе го поддржат штрајкот.

Одговор беше побаран од претседателот на СОНК, Јаким Неделков кој вели дека е точно дека со колективниот договор е регулирано за време штрајк кој ги плаќа трошоците, односно дневниците за време на штрајк. Претседателот на СОНК ја отфрла можноста, Синдикатот да е надлежен за исплата на платите и вели дека сите материјали трошоци во врска со штрајкот ќе паднат на терет на ресорните министерства.

Родителите не го поддржуваат штрајкот, можат да бидат спокојни- настава ќе има

Надлежните посочуваат дека настава во понеделник ќе има и децата слободно може да дојдат во училиштата. За оние родители кои сепак ќе се одлучат да го поддржат штрајкот и децата да не ги испратат на училиште, согласно законот ќе следуваат казни.

-Согласно позитивните законски прописи во Република Македонија, основното и средното образование се задолжителни за сите ученици. За непосетување на наставата законите се децидни и предвидуваат глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска против вредност за родителот, односно старателот кој што ќе го оневозможи наставниот процес за своето дете. Би сакала да апелирам до сите родители да не подлегнуваат на манипулативни изјави за прекин на воспитно образовниот процес и да не ги инволвираат своите ученици за политички цели, вели Надица Николоска, директор на Државниот просветен испекторат.

Родителите револтирани од односот на раководството на СОНК. Штрајкот не го поддржуваат. А велат дека немаат намера да плаќаат казни заради нечии интереси, ниту децата да не ги носат на настава. Знаат дека во интерес на нивните деца е истите да ја посетуваат наставата, бидејќи подоцна ќе треба тие часови да ги одработат.

-Јас не го поддржувам зошто децата не се виновни за тие да сносат некакви последици, не е коректно децата да не одат на настава бидејќи тие имаат обврски, ќе им се натрупа наставата и ќе имаат многу обврски, а никој нема да дојде да не праша како се справуваме со тоа. Моето дете од понеделник си оди нормална на настава како и до сега, вели Габриела Димитровска Станковска – родител.

-Не би сакале повторно нашите деца да бидат заложници на некои меѓусебни интереси, се надевам дека Синдикатот и Владата ќе најдат заеднички јазик да го решат тоа во институциите, но не на штета на децата, вели Зоран Јакимовски родител.

-Знаеме за казните, се информиравме и ќе го пуштиме во училиште да оди. Штрајкот не го поддржуваме, вели родителот Маја Поповска.

МОН го повика СОНК на разговори

Министерството за образование и наука го повика СОНК на средба за надминување на несогласувањата во пресрет на најавениот штрајк на оваа синдикална организација.

– Согласно повиците на СОНК во изминатите неколку денови за продолжување на разговорите во рамки на социјалниот дијалог, Министерството за образование и наука го повикува на средба раководството на синдикалната организација, во недела во 11:00 часот во просториите на Министерството, се вели во соопштението од МОН.

МОН изрази подготвеност да разговара, а СОНК најави дека доколку ги викнат на преговори, штрајкот ќе биде одложен.