Просветните работници во Пехчево и Македонска Каменица не го поддржуваат штрајкот

Извршени се сите подготовки за успешно продолжување на воспитно-образовниот процес во предучилишното, основното и средното образование во градинките и училиштата во општина Пехчево, е заклучокот од средбата на градоначалникот на Пехчево Игор Поповски со директорите, пренесува МИА.

– Имаме добра соработка и како локална самоуправа редовно ги подмируваме нашите обврски  и навреме градинката и училиштата ги снабдивме со нафта за парно греење и другите потреби за редовно одвивање на наставната и воспитната работа, изјави по средбата градоначалникот Поповски посакувајќи им успешно второ полугодие на учениците и наставниците. 

Ванчо Сивевски, директор на ООУ „Ванчо Китанов„  и Гордана Вазлиска, директорка на ЈУ Детска градинка „7 септември“  изјавија дека вработените просветни работници и другиот персонал не го подржуваат најавениот штрајк од раководителите на СОНК и оти не гледаат никакви причини да не го започнат второто полугодие.

Градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Дарко Митевски одржа средба со директорите на Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ и Средното општинско училиште „Миле Јаневски – Џингар“ од Македонска Каменица и информираше дека во Македонска Каменица нема да се штрајкува.

Директорот на основното училиште „ Св. Кирил и Методиј“ – Димче Атанасовски како и  директорката на СОУ „Миле Јаневски – Џингар“ – Лилјана Димитровска  информираа дека ниту еден од просветните работници вработени во нивните установи нема да се огласи на најавениот штрајк од СОНК.