Протест на бостанџиите и во Тетово

Земјоделци од тетовско со нивните трактори натоварени со лубеници, ја блокираа во вторникот улицата пред зградата на Општина Тетово, од каде побараа градските власти да им обезбедат соодветна локација за продавање на своите производи.

Одгледувачите на бостан од тетовскиот регион велат дека на протестот се одлучиле поради тоа што се принудени лубениците и другиот сезонски зеленчук и овошје, да го продаваат по тротоари и на разни јавни површини, од каде постојано се бркани и казнувани од полицијата.

Доколку не бидат задоволени нивните барања, земјоделците најавија порадикални блокади и протести по булевари и автопати.

Последните денови сѐ поизрзен е револтот на земјоделците низ земјата од политиките во оваа гранка што ги спроведува новата влада, иако СДСМ ветуваше за „подобар живот“.

Продолжува незадоволството на бостанџии, поради ниските откупни цени на годинешниот род. Тие уште пред некое време најавија блокади на патишта и протести, доколку не се реши нивниот проблем.

Инаку бостанџиите не се први кои го фрлаат својот род на улиците и го оставаат да скапе на нивите, поради немањето пласман и ниските откупни цени истото пред извесен период го правеа и производителите на кајсии.