Протест: Револтирани граѓани бараат оставка од Таравари и Јовановска по случајот со починатите бебиња (ВИДЕО)

Група револтирани и разочарани граѓани денеска пред Министерството за здравство протестираа и побараа одговорност и оставка од министерот Арбен Таравари и директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска.

„Ветуваа многу, а што добивме? Три мали животчиња да одат? Луѓе тоа никаде го нема во светот. На крајот кажува дека ќе викнеле комисија. Каква комисија?“ праша Лидија Стаменкова и бара од Таравари и Јовановска веднаш да си поднесат оставка.

Рече дека за сите три бебиња да починат нешто морало да затаи, а ако затаило, тогаш мора да се најде кој е одговорен, а не, како што рекоа, да ја шуткаат топката натаму-наваму.

Порача дека министерот треба да рече „не сум способен, станувам и си одам“, а со него да си оди и директорката на ГАК.

„Луѓе, доста ни се прикаски. Нека станат и нека се фатат за работа, а ќе се работи со добри кадри. Имаме ние добри кадри, не се сите кадри шупливи. Нека се најдат способни кадри“, рече Стаменкова.