Протести на екстремни десничари и на нивни противници во Вашингтон

Во услови на големи тензии синоќа во Вашингтон се одржаа марш на група бели екстремни десничари пред Белата куќа и контрапротест на противниците на екстремизмот во паркот Лафајт.

Началникот на полицијата во Вашингтон соопшти дека и покрај хаотичната состојба во градот, немало поголеми проблеми и оти е приведено само едно лице.

Најсериозни инциденти се случија кога полицијата се судри со околу 150 маскирани припадници на левичарската група Антифа, како и кога мораше да брани 20-тина екстремни националисти од илјадници учесници на контрапротестот.

Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер и честиташе на полицијата за „начинот на кој се справила со предизвиците“, посочувајќи дека полицајците успешно го одбраниле правото на луѓето слободно да го изразуваат своето мислење и во исто време го одржувале редот.

Протестите се одржаа на годишнината од уличните судири во Шарлотсвил меѓу белите супрематисти и нивните противници, при што загина една жена.

Во пресрет на вчерашните собири, американскиот претседател Доналд Трамп ги осуди сите видови расизам и ги повика граѓаните на единство.