Протести на повеќе места во САД за убиството на Мајкл Браун

На повеќе места во САД беа одржани протести на кои собраните граѓани симболично ги држеа рацете во вис во знак на почит кон тинејџерот, Афроамериканец, Мајкл Браун, кој во август беше убиен од полицаец од Фергусон во Мисури.

Како што пренесе МИА, во рамки на кампањата „Рацете во вис и излези“ илјадници лица се собраа на универзитетите и работните места на демонстрации организирани околу пладне по локално време, што е времето кога Браун беше убиен на 9 август.

Во Њујорк стотици млади, повеќето бели студенти, се собраа на Тајмс сквер, каде со едноминутно молчење му оддадоа почит на Браун, а потоа извикуваа: „Рацете во вис, немој да пукаш“ и „Нема правда, нема мир“.

Тие носеа транспаретни со написи „Фергусон е насекаде„ и „Во затвор со полицајците убијци“.

Други протести се одржани и во државите Масачусетс, Калифорнија, Тексас и Џорџија, а во Вашингтион десетици лица се собраа пред Министерството за правда.

Полицаецот од Мисури Дарен Вилсон, кој го уби тинејџерот и предизвика немири во градот Фергусон, даде отказ и ја напушти полицијата. Тој во август го уби невооружениот 18-годишен Браун, тврдејќи дека тоа го сторил во самоодбрана. Поради одлуката на поротата да не покрене обвинение против Вилсон, ширум САД се организираат протести.