Балкан

Протести во Атина, сакале да ја срушат статуата на Труман

Протести во Атина, сакале да ја срушат статуата на Труман

Група поддржувачи на грчката Комунистичка партија се обиделе да ја срушат статуата на поранешниот американски претседател Хари Труман во центарот на Атина, за време на протестите поради нападите на Сирија.

Демонстрантите се обиделе со брусилка да ги отсечат „стапалата“ на Труман, а потоа со јажиња да ја срушат статуата. Тогаш полицијата употребила солзавец за да ги растера, но избиле судири при што најмалку три демонстранти се повредени, јави Ројтерс, повикувајќи се на сведоци.

На протести во Атина, трет по воздушните напади во Сирија од саботата, се собраа неколку стотина поддржувачи на Комунистичката партија.

Она што го направивме денес е симболичен потег против САД и војната (во Сирија). Оваа статуа е симбол на империјализмот и на САД во Грција“, рече Јоргос Перос, член на ПАМЕ синдикатот, поврзан со Комунистичката партија.

Агенцијата АНА, повикувајќи се на полиција, јави дека две лица се приведени и дека едно лице е повредено на протестот.

Според грчката агенција, во протестите учествувале ученици и студенти кои марширале кон Американската амбасада.

Судирите избувнале кај статуата на Хари Труман.

Повеќе од три и пол метарската бронзена статуа на Труман, која се наоѓа недалеку од канцеларијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, редовно се наоѓа на мета на демонстрантите.

Повеќе пати е вандализирана или „напаѓана“ со фарба за време на протестите поради „американскиот империјализам“ во Грција.

Ројтерс напоменува дека многумина веруваат дека Вашингтон ја поддржувал воената хунта која владеела со Грција од 1967 до 1974 година, како и турската инвазија на Кипар во 1974 година.

Труман бил американски претседател од 1945 до 1953 година.

АП пренесе дека статуата на Труман во Атина е откриена во 1963 година во близина на американската амбасада и дека два пати во средината на 80-тите години на минатиот век, се нашла на мета на бомбашки напад на крајно левичарските екстремистички групи.

Два пати е рушена и неколку пати вандализирана, пишува АП.

Во централна Атина и во саботата се одржани протести поради нападите во Сирија, на кои според полицијата се собрале меѓу 6.000 и 7.000 луѓе.

Протестите исто се организирани од грчката Комунистичка партија.

Демонстрантите се собрале на централниот плоштад Синтагма во Атина, а потоа се упатиле кон американската амбасада, носејќи транспаренти и извикувајќи слогани против САД.

Кога стигнале до амбасадата, на улицата со црвена фарба напишале: „Американци, убијци на луѓе“.

Потоа, неуспешно се обиделе да ја фрлат бојата во дворот на американската амбасада, пренесе АП.

На фотографиите објавени од страна на американската агенција се гледа како демонстрантите го палат американското знаме.

САД, Велика Британија и Франција извршија заеднички воздушни напади во Сирија поради наводниот хемиски напад врз цивили во Дума на 7-ми април, во кој загинаа најмалку 40 лица.