Протести во Будимпешта поради посетата на Путин

Oколу две илјади демонстранти ноќеска протестираа против посета на рускиот претседател Владимир Путин на Будимпешта.

Демонстрантите одржаа симболичен марш меѓу двете железнички станици, што ја дели метрополата на источен и западен дел. Тие се движеа од источната кон западната страна, a според организаторите на протестот, билa уатена јасна порака дека Унгарците се приврзани на Западот.

Тие сметаат дека Путин ќе се обиде да изврши притисок врз премиерот Виктор Орбан да се заложи против новите санкциите на ЕУ кон Русија.
Орбан неодамна изјави дека со воведувањето санкции на Москва, Брисел самиот си пукал во нога..

Владимир Путин ја избра Унгарија за својата прва официјална посета на членка на ЕУ од почетокот на украинската криза пред една година. Први на дневен ред се енергетските прашања, но рускиот лидер обично секогаш има ас во ракавот, пишува „Раша Тудеј“

Премиерот Виктор Орбан беше остро критикуван од Западот поради неговата блиска економска соработка со Русија. Орбан, пак, ја критикува ЕУ за отуѓување на Русија и за почнување болна трговска војна со него.

„Ние не сакаме да се доближуваме до никого и немаме намера ни да се оддалечуваме од некого“, рече Орбан во ноември 2014 година. „Ние не спроведуваме проруска политика, туку проунгарска политика“, рече тој залагајќи се за проширување на единствената унгарска нуклеарна централа, зашто, како што објасни, ова е „единствениот можен начин“ да се намали зависноста од надворешните извори на енергија.

Орбан е познат по својот скептичен став кон голем број политики на Европската Унија, особено кон застанувањето на Брисел на страната на САД за санкциите против Русија, кампања што им штети на болните европски економии.