Протести во Грција: “Изборите не се најважни, важно е и да застанеме до Владата кога и требаме”

Без договор и заедничка изјава завршија разговорите во Брисел меѓу Грција и претставниците на Еврозоната. Новата грчка Влада, која што го доби манадатот за да стави крај на мерките за штедење од стариот договор со Тројката, смета дека неговите услови ги осиромашуваат Грците и бара нов, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Грчките кредитори од Европската Унија предводени од Германија пак, стојат на ставот дека договорот не може да се менува.

Јасно е дека постои двојна волја.Волја да се почитува резулатот од грчките избори , но и да се почитуваат нивните обврски кон европските институции и земјите членки. И другите земји членки исто така треба да покажат почит кон своите граѓани, изјави еврокомесарот за економски прашања Пјер Московичи по состанокот во Брисел.

Грците предложиле Атина да се придржува до 70 проценти од обврските од договорот за финансиска помош и отфрлање на останатите 30. Исто така побарале одложување на новиот заем до септември, за да добијат време за предлагање на нови реформи. Истовремено бараат и покачување на минималната плата и укинување како на данокот за имот, така и на инспекциите што Тројката меѓународни кредитори ги спреведуваат во Грција.

Ги претставивме нашите видувања кои што имаат за цел креирање на нова спогодба, нов договор со Европа за Грција да престане да биде во насловите и да биде повторно и повторно тема на дискусија во Еврогрупата, изјави по состанокот министерот за финансии на Грција, Јанис Варуфакис.

Во пресрет на преговорите во Брисел, вчера вечер пред грчкиот Парламент се собраа близу 15 илјади демонстранти, но тие не протестира против Владата туку се собраа во знак на поддршка за владините барања за повторно преговарање на грчкиот долг. Граѓаните сметаат дека не се важни само изборите, важно е и да ја поддржат својата влада кога и се потребни.

Мора да разбереме дека се не почнува и завршува едноставно со гласањето. Многу е важно да застануваме заедно до нашата Влада секогаш кога сме им потребни и да проверуваме со нив каде треба тоа да го сториме.И време е да им се даде важност на вредностите и луѓето, а е на банките и парите, вели Кристос Петропулос.

Не го сакаме повеќе овој долг затоа што не е наш и луѓето од Европа мора да разберат дека и нивниот долг не е нивен, туку е создаден од банките. Сите пари што ни ги дадоа, не ни ги дадоа нам, туку на банките, смета Дона Куру

Паралелен собир во знак на поддршка се одржа и во Солун. Според некои информации, Грција денеска го одбила понуденото продолжување на стариот договор. Финансиската помош за земјата истекува на 28 ми фебруари и ако не добие нова, јужниот сосед се соочува со банкрот и можен излез од Еврозоната. Ваквото сценарио ќе има глобални последици, како врз грчката економија, така и врз светскиот финансиски пазар. Во меѓувреме, Грција се закани дека ќе се сврти кон Русија и Кина за помош, со што дополнително му се закани на европското единство кое и без тоа е загрозено поради економската стагнација и кризата во Украина.