Протести во Грција за поддршка на владата

Илјадници луѓе синоќа се собраа на плоштадот Синтагма во центарот на Атина во знак на поддршка на грчката Влада, по одлуката на Европската централна банка да не прифаќа грчки обврзници како гаранција за заеми, јави МИА.

Слични протести се одржаа и во Солун пред Белата Кула и во Ираклион и Ханиа на Крит.

„Европската централна банка одлучи да престане со прифаќање на грчките обврзници. Грчките банки сега се потпираат на ЕЛА (помош за итна ликвидност). Ние нема да ги прифатиме новите уцени. Ние нема да го прифатиме враќањето на меморандумот. Ние нема да прифатиме уништување на општеството и продолжување на уништувањето на нашата земја“, се вели во поканата за митингот објавена на Фејсбук.

Синоќешниот протест, за разлика од досегашните демонстрации, помина со минимално присуство на полиција и без барикади. Протестот беше прв поголем собир против мерките за штедење, откако новата Влада на Сириза стапи на должност и веднаш ги отстрани барикадите на плоштадот за политички собири.

фото: МИА