Протести во Нови Сад и барање Војводина да биде република

Членови и симпатизери на Војводинската партија и Војводинскиот клуб во неделата во Нови Сад одржаа „Прошетка за Војводина“ по повод 26 години од таканаречената „јогурт револуција“, со која приврзаниците на Слободан Милошевиќ ја срушиле тогашната војводинска власт.

По прошетката низ центарот на градот, околу 200 членови на оваа организација се собрале пред зградата на војводинската Влада и до државните тела на Србија упатиле три барања – промена на Уставот, федерализација на Србија и доделување на Војводина статус на република во федерализираната Србија.

Претседателот на Војводинскиот клуб, Бранислава Костиќ потсетила дека на 5. октомври се навршуваат 26 години откако на Војводина и се одземени правата на автономија и откога, како што рекла, Војводина оди во неповрат.

„Војводина не може да биде развиена без целосна и вистинска автономија. Сакаме не само законодавна, судска и извршна власт, туку и таа да добие статус на република“, рекла Костиќ.

Претседателот на Војводинската партија, Александар Оџиќ истакнал дека партијата никогаш нема да го прифати Уставот на Србија од 2006.

Војводинскиот клуб е невладина, а Војводинската партија политичка организација кои се залагаат за промена на српскиот Устав, така што Војводина би добила статус на република во федерализирана Србија.

Тие неодамна започнале да собираат потписи за оваа иницијатива која досега ја поддржале околу 30 илјади граѓани на Војводина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.