Протести во САД против насилството на полицијата

Во Вашингтон се одржуваат протести поради насилството од страна на полицијата врз црномурестото население во земјата, јавува МИА.

Демонстрантите се движат низ централните улици во градот, носејќи транспаренти на кои пишува „Животот на црномурестите има значење“, „Расизмот убива“, „Вака изгледа демократијата“, „Без правда нема мир“. Поради протестите е блокиран и сообраќајот.

Собири против насилството врз афроамериканците беа организирани и во Њујорк, Чикаго, Бостон, Кливленд, Мајами и други градови во земјата.

Илјадници Американци повеќе дена по ред излегуваат на улиците во знак на протест поради расната дискриминација. Протестите започнаа на 24 ноември, кога беше објавена одлуката на судот да не биде ставен под одговорност полицаецот Дарен Вилсон, кој во август го уби невооруженото 18-годишно црномуресто момче Мајкл Браун во градот Фергусон, во државата Мисури.