Протести „За заедничка Македонија“ низ цела држава

Пред платото на Домот на културата во Кичево продолжи протестот „За заедничка Македонија”, на кој вечерва на присутните им се обрати Даме Силјаноски во име на граѓанската иницијатива.

–  Се поголема е силата на македонскиот народ кој во овие тешки мигови се обединува. Цврсто стоиме на ставот за заедничка Македонија, нема место за делби по никакви основи. На сите што сакаат да си поигруваат со државните и националните интереси им порачуваме дека нема да им помине. Овој народ е обединет, народот ја препозна намерата и нема да дозволи разнебитување на нашата држава. Во неа има место за сите нејзини граѓани. Повикуваме на сплотеност и на разум. Нека се замислат сите дека никој не може против народот, рече Силјаноски на протестот кој беше поддржан кичевски моторџии.

kicevo

Приврзаници на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва во голем број се собраа во Гевгелија на мирен протест од кој побараа отфрлање на тиранската платформа со која, како што рекоа, се разнебитува државата.

– Нашите прадедовци ја бранеа Македонија од Отоманската империја, нашите дедовци од фашистичкиот окупатор, нашите татковци се бореа за нејзиното осамостојување од Југославија, а ние му порачуваме на Заев дека ќе се бориме за нејзината унитарност и за нашиот јазик против сите што сакаат да се пазарат со нашите национални интереси, рече Бошко Петров од иницијативата „За заедничка Македонија“.

Пред почетокот на маршот со едноминутно молчење гевгеличани им оддадоа почит на младите момчиња убиени пред пет години на Смилковското Езеро.

gevgelija

„За заедничка Македонија“ и вечерва одржаа протестен марш во Кавадарци.

Пред присутните говореше Гоце Ефремовски, претседател на граѓанското здружение „Древни Македонци” од Кавадарци. Тој меѓу другото рече дека мирните протести се доказ за тоа како се сака и брани татковината, како се чуваат институциите во одбрана на државата и како се застанува против платформата од Тирана.

– Не прифаќаме ниту под разно менување на името, федерализација, двојазичност, менување на химната, парите и симболите на униформираните лица, нагласи Ефремовски.

kavadarci

Маските паднаа, се видоа вистинските лица на „инсталациите“ не само во Македонија, туку и во соседните држави, па дури и во САД кои со долгогодишно инвестирање успеале да создадат општествен хаос, рекоа вечерва на протест од Струмица говорниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

– Дојде време во Макеодонија да остане само она искреното, родољубивото. Маските ќе паднат и кај многумина од ВМРО ДПМНЕ, и тоа е потребно. Не е се црно и бело како што сакаат да ни претстават овие инсталации. Не се сите политичари исти. Дојде време и оваа иницијатива ќе изнедри политичари достојни за Македонија и зачувување на нејзината државност и идентитет, рече Јане Ангелов.

Ги повторија барањата за отфрлање на тиранската платформа и заштита на унитарноста и сувереноста на Македонија. Пред празникот Велигден од иницијативата побараа обединување на македонскиот народ во зашита на националните интереси.

Поворката незадоволни граѓани се упатија на мирен протестен марш низ централното градско подрачје.

strumica

Вечерва се протестираше и во Охрид. Протестот и овој пат почна од плоштадот спроти охридската гимназија, по што учесниците продефилираа по улицата „Димитар Влахов“ и булеварот “Македонски Просветители“, од каде низ чаршијата се упатија на градскиот плоштад.

– Тука сме 44 дена и нема да запреме, се со една порака – Отфрлете ја тиранската платформа бидејќи нашата татковина Република Македонија ни е аманет од нашите предци. Суверена и унитарна Македонија. Ние имаме обврска како таква да им ја оставиме на нашите поколенија. Ние младите сакаме да живееме во заедничка Македонија, нема да дозволиме двојачичност и редефинирање на целата територија, порача во име на протестантите студентката Марија Трајковска.

ohrid

Граѓаните на Кочани вечерва со мирен протест ја поддржаа граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Тие се против редефинирање на државата и против секакви делби по етничка основа.

На учесниците на протестот им се обрати претседателката на Македонското патриотско здружение „Славчо Абазов“ од Кочани Славица Арсова која ги изложи определбите на нејзината организација, како и на граѓаните на Кочани кои се против бинационална држава.

– Сакаме унитарна држава. Ја сакаме Македонија таква каква што е, држава во која ќе можеме слободно да живееме, да се образуваме на наш македонски јазик, а не како што е заложбата на СДСМ и на Зоран Заев за воведување на албанскиот јазик како втор службен јазик во државата, рече Арсова.

Таа потенцираше дека остануваат на заложбите да се сочува унитарноста на државата, а се против тиранската платформа која, како што рече, нуди распарчување на земјата.

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и утре ќе одржи протестен марш низ улиците на Кочани.

kocani

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.