Протестна нота врачена во МНР на амбасадорите на Р. Албанија и Р. Косово

Денес во Министерството за надворешни работи на Република Македонија беа повикани вонредните и ополномоштени амбасадори на Република Албанија и на Република Косово во Република Македонија, при што им се врачени протесни ноти по однос на некои официјални ставови и изјави од двете земји, во врска со насилните протести организирани во Република Македонија по донесување на првостепената судска пресуда донесена од надлежен Суд во Република Македонија, со која шест лица се прогласени за виновни за кривично дело тероризам и им е изречена казна доживотен затвор.

На амбасадорите на овие две земји им беше укажано дека ставови и интерпретации со кои се доведува во прашање функционирањето на правната држава и постапувањето на судството како независна власт во Република Македонија – како и политички оценки од страна на високи политички претставници – не придонесуваат кон негување на конструктивни, позитивни, пријателски и добрососедски односи. Вакви изјави може да се протолкуваат како мешање во внатрешните работи на Република Македонија и не се во правец на јакнење на заемната доверба и добрососедство – принципи кои Република Македонија ги негува и за кои искрено се залага во билатералните односи со соседите.