И против судии и против публика, Вардар повторно победува

Вардар по четврти пат ќе игра во финалето на СЕХА лигата, станувајќи единствен тим во регионалното натпреварување кој од шест изданија успеат да стигне до ситуација да се бори за големиот трофеј во четири наврати.

Во Вараждин во саботата во полуфиналето против себе имаше и 5.000 публика и плус судии кои по којзнае кој пат покажаа дека Вардар нема избалансирано судење.

Не е проблем ако се работи за инцидентни ситуации, но кога е тоа постојано и во текот на цел натпревар тогаш не само што нервира туку и иритира на таквото однесување.

„Луѓето во црно“ не покажаа респект кон тимот кој три сезони е меѓу најдобрите 8 екипи во Европа. Не дека треба да му се помага, туку барем да не му се одмага на клубот кој покажа дека знае и може, и не се плаши да игра на било кој терен.

Сите очекуваа Загреб да биде победник, ама во таборот на „црвено-црните“ го докажаа спротивното.

Колку што се радуваше клупата на вардарци на секој постигнат гол, толку се нервираше на секоја лоша судиска одлука, на „незнаењето“ на делителите на правдата.

Во саботата на терен имаше луѓе кои според сопствениот квалитет не се на истото скалило со Вардар и Загреб. Ако ракометот е еден од спортовите каде токму судиите имаат големо влијание, сигурно е дека треба тоа исто влијание да се сведе на минимално ниво, да се елиминира факторот „судиска проценка“, и да се дозволи спортско надигрување. Имањето на фер и еднакви услови за натпреварување отсекогаш се важни. Сите посакуваат еднаков критериум, без намерни грешки во донесувањето одлуки. А на моменти на многу натпревари на Вардар сезонава, па и претходните не беше така. И тоа се случува многу често, кога е најпотребно да се има избалансирано судење, токму вардарци да го извлечат подебелиот крај. Малите нијанси ги прават резултатите. Она што неможе да се види на ТВ се гледа и чувствува на самиот терен во салата.

Вардар веќе станува европски бренд, носи стравопочит кај ривалите, урнек за начин на работа кај противничките тимови и посакувана дестинација за речиси секој спортист. Тоа сигурно се добива со резултатите, но секогаш има и „фактори од позадина“, кои не се гледаат, а и те како влијаат на случувањата на теренот.

Кога имаш нееднаков критериум, кога не се санкционира тепањето, грубата игра, им се прогледува на направените „мали“ чекори, се има чуден критериум при досудување пенали, се признаваат голови кога фаулот е направен и сите чекаат знак истото да го покажат и судиите.

А судиите се само лицето што се појавува на терен. Вардар досега џентлменски ги поднесува сите „удари под појас“.