Против Унгарија да се урне традицијата

Македонската ракометна репрезентација денеска во 16 часот ќе го одигра првиот натпревар од втората фаза на Европското првенство во Данска, против селекцијата на Унгарија. Судејќи според традицијата ова ќе биде тежок натпревар, бидејќи последната победата сме ја оствариле пред десет години.

Последен пат против унгарските ракометари се радувавме во далечната 2003 година и тоа во Битола во рамки на квалификациите за континенталниот собир една година подоцна. Тогаш победивме со 33:31, но потоа загубивме со 29:33 во Веспрем поради што не се најдовме на шампионатот во Словенија.

Досега имаме одиграно вкупно 12 средби и досегашниот скор е крајно неповолен за нас, две победи и дури 10 порази. Покрај триумфот пред една деценија, против утрешниот ривал сме се радувале и во првата меѓусебна пресметка, во 1995 година исто така во Битола, кога со 26:21 славевме во квалификациите за ЕП 1996 година во Шпанија.

Унгарската репрезентација во втората фаза од континенталниот шампионат влезе како третопласирана во групата Б во која воопшто не бриљираше. Утрешните противници на “црвено -жолтите” прво убедливо загубија од Шпанија (27:34), а потоа одиграа две нерешени средби, против Исланд (27:27) и против Норвешка (26:26). Тие се уште немаат победа на првенството во Данска, а на избраниците на селекторот Ивица Обрван е да се потрудат тоа да остане така и по денешната пресметка во „Јуске банк боксен“ арената во Хернинг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.