Противуставен и противзаконски предлог на Зaeв за да си ја спаси политичката кариера

Елeментарно непочитување на основните правни акти во земјата и газење на Уставот, обид за собирање политички поени кај албанското гласачко тело на штета на македонските национални интереси… втор Рамковен договор. Ова се ставовите на дел од експертската јавност по вчерашната најава на опозицискиот лидер Зоран Заев за двојазичност во државата.

Според универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска, лидерот на опозицијата уште еднаш го погазил Уставот на земјата во обид да им се додвори на Албанците со лицемерни ветувања.

„Зоран Заев во вчерашното интервју во кое по втор пат даде ветување за воведување на двојазичност во државата уште еднаш го погази Уставот на земјата и покажа елементарно непочитување на основните правни акти во земјата. Уставот на РМ е јасен во делот кој јазик е службен јазик на територијата на РМ и во нејзините меѓународни односи. Тоа секако е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Уште пред 15 години Уставот ја даде можноста за употреба на друг јазик како службен во единиците на локалната самоуправа, и во комуникацијата со државните органи, каде живеат најмалку 20 отсто од граѓаните што зборуваат јазик различен од македонскиот. Но, ваква можност Уставот нема предвидено за во средини каде има најголема застапеност на етничките Македонци. Уставот не дава можност во овие средини да се употребува друг јазик различен од македонскиот. Затоа, ако Заев сака да воведе двојазичност на цела територија на државата, прво ќе мора да добие доверба од мнозинството граѓани за таквата политика, и второ ќе мора да пристапи кон менување на Уставот на РМ за што ќе му биде потребно 2/3 мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието“, вели Каракамишева во изјава за Нет Прес.

Таа додава дека по изјавите на Заев дека ќе јаде живи луѓе, виткање на кичмата за промена на името и фотографирањето со терористите во „Диво Насеље “, воопшто не зачудува оваа негова изјава.

„После изјавата на Заев дека ќе јаде живи луѓе кога СДСМ ќе дојде на власт и дека ќе направи целосна партиска чистка во администрацијата, од чистачка до министер, после препорачаната од Заев гимнастика со виткање на кичмата на граѓаните за промена на името на државата, а со тоа и на нацијата, после правењето селфи со терористите во ’Диво насеље’ на само неколку часа од загинувањето на осумте македонски синови полицајци на кои фотографии Заев е со насмевка ала Брижит Бардо, после соучесништвото со балистите во негирањето на Република Македонија како држава на сметка на величењето на знамето и иконографијата на Голема Албанија и командантот Џемо Хасан на фудбалската арена ’Филип Втори’ во Скопје, како и после многу други настани што ја чинат низата на ’бисерите на Заев’, вчера од Заев стигна уште еден ’бисер’, кој одлично се вклопува во низата. Стигна предлог што е противуставен, противзаконски, надвор од сите воспоставени правни правила во системот. Заев вчера даде уште едно противуставно изборно ветување, со кое како многупати до сега, го прекрши Уставот. Вети воведување двојазичност на цела територија на РМ, вети употреба на албанскиот јазик на цела територија на државата, што е спротивно со амандманот 5, односно со член 7 од Уставот на РМ, но е спротивно и со Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во РМ и во единиците на локалната самоуправа“, додава Каракамишева.

Новинарот Васко Ефтов пак смета дека ваквите изјави имаат единствена цел – додворување на албанските гласачи и ублажување на поразот на следните избори со разлика помала од 100.000 гласови. Според него ваквите изјави ќе бидат стратешки дел од кампањата на СДСМ, ако се знае дека Заев и претходно ветуваше задолжително изучување на албанскиот јазик.

„Очигледно е дека Зоран Заев е влезен во  политичка кампања некаде на 90 дена пред изборната трка. Давањето на вакви изјави значи дека тоа ќе биде суштински и стратешки дел на кампањата. Заев нема голем маневарски простор, не би можел да говори за корупција со целиот криминал во општина Струмица, па му останува да зборува на овие теми сметајки дека на овој начин ке добие одредени албански гласови. Всушност на тој начин опозицискиот лидер се надева дека ќе има пораз под 100.000 гласови. Очигледно е и дека Заев неопределените гласачи не може да ги освои со сегашните кадровски решенија и затоа сака да добие дел од контингентот на албанските гласачи“, вели Ефтов во изјава за Нет Прес.

Тоа според Ефтов е старата стратегија на Ѓорѓи Спасов кој му ги прави анкетите на Заев, дека македонско-албанска коалиција би поминала добро на изборите. Но, вели дека од неговите досегашни искуства тоа е невозможно бидејки, како што посочува, во албанскиот политички кампус во основа се гласа етнички. Ефтов смета дека е можно крајната цел на ваквите изјави да биде и втор Рамковен договор.

Ова, како што вели Ефтов, е трет обид на ваков начин да се ловат албански гласови. Првиот обид го направил Васил Топурковски во 1999 година и истиот завршил неуспешен, вториот обид како што вели, бил на Бранко Црвенковски во 2012/2013 година, а третиот е сегашниот обид на Зоран Заев, кој според него, ќе заврши неуспешно како претодните два.

Освен обид за собирање политички поени кај албанскиот блок, според Каракамишева, ваквите како што вели, лицемерни ветувања на Заев, се и обид за спас на сопствената политичка кариера, бидејки, како што вели таа, Заев одамна е свесен дека ке зауби на 11 декември и ке мора да се збогува со политичката кариера.

„Се чини дека на Заев веќе одамна му е добро познат изборниот резултат што ќе му биде испорачан од македонскиот електорат на 11 деккември. Заев е свесен дека сериозно губи, и дека по 11 декември ќе треба да се збогува од партијата и од лидерската позиција. Токму заради спас на сопствената политичка кариера тој прави вакви политички акробации, и дава лицемерни ветувања до албанските гласачи за да си ја подобри изборната позиција. Се добива впечаток дека Заев е во паника, на два

месеца до избори сака да направи чекори и да вети работи што и самиот е свесен дека не можат да поминат. Паниката од тоа дека по 11 декември Заев ќе биде поранешен политичар му креира чекори што нема да поминат ниту меѓу Албанците, кои традиционално и секогаш гласаат исклучиво за политичари Албанци, а уште помалку ќе поминат кај Македонците кои после ова дефинитивно се одлучни да му стават печат „крај“ на неговата политичка кариера“, смета Каракамишева-Јовановска.

Инаку, Заев во последното интервју дадено за „Нова телевизија“ порача дека е неопходно да се воведе албанскиот јазик. Во него тој додава и дека СДСМ на изборите се надева да освои повеќе гласови од Албанците отколку ДУИ и ДПА.

„Зборував за употребата на албанскиот јазик, не губам јас како граѓанин на Струмица кај што сме 94 посто Македонци. Значи една работа да се знае. Прагмата во Македонија мора да биде следена. Не губам јас ништо како Македонец, ни па граѓанинот на Штип на Скопје кој што е од македонскиот етнички корпус на граѓани. Сега му е мајката, да дефинираме каква земја ќе градиме во иднина. Ќе живееме по табуата?, рече Заев во вчерашното интервју.

И покрај вчерашниот демант од СДСМ дека лидерот на партијата не спомнал двојазичност, Заев кратко време по демантот од неговата матична партија, од Прилеп уште еднаш порача дека и во овој град треба да се применува албанскиот.

„Практицирањето на законите коишто постојат во Република Македонија значи нивна практична примена во полза на граѓаните. Во Прилеп тој што учи на албански јазик, иако е многу мал процентот, може да добие право да учи музичко училиште на албански јазик, да напише барање на албански јазик“,изјави Заев пред прилепчани.

Тезата за двојазичност и конфедерација на Македонија опозицискиот лидер Зоран Заев не ја заговара за првпат. Тој уште пред две години во интервју за косовска телевизија тој ветуваше воведување на задолжителен албански јазик во градинките, основните и средните училишта.