„Прото Тема“: ЕУ го губи трпението со Грција додека границата со Македонија се полни со мигранти (ВИДЕО)

Левичарската грчка Влада изгледа затечена од развојот на настаните на границата со Македонија, каде што подигнувањето на ограда предизвика собирање на огромен број бегалци и економски мигранти, пишува „Прото Тема“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, весникот наведува дека на Идомени има 3.000 бегалци, кои ги блокираат железничките линии, со што се создава проблем во трговијата, а исцрпена е и способноста на локалната власт да се справи со ситуацијата.

– Додека ПЈРМ ја обвинува грчката страна за ситуацијата и ја поврзува со долготрајниот спор за името меѓу двете земји, ЕУ ја предупреди Грција дека би можела да биде исклучена од Шенген зоната, ако не го унапреди справувањето со миграциската криза до средината на декември, како фрустрација за грчкото одбивање да ги прифати понудите за помош од ЕУ, наведува „Прото тема“.

Во текстот се истакнува дека се поголем број меѓународни медиуми ја опишуваат Грција како „Ахилова пета“ на Шенген зоната, и го истакнуваат ултиматумот на ЕУ, додека Грција се бори да се справи со илјадници мигранти – главно од Иран, Пакистан и Мароко – кои бараат да излезат од Грција, преку Македонија.

Грчкиот министер за миграција Јанис Музалас изјави дека оние што не можат да поминат ќе бидат во можност да се вратат во Атина. УНХЦР организира автобуски превоз со кој досега во Атина се вратени околу 1.000 бегалци кои не можеле да влезат во Македонија.

– Во меѓувреме, политиката на ПЈРМ за филтрирање на мигранти досега го чини железничкиот оператор Грција „Траиносе“ повеќе од 1,5 милиони евра. Здружението на меѓународни шпедитери и логистички претпријатија од Грција побараа од министерот за инфраструктура Христос Спирцис да најде решение за проблемот поради кој компаниите го пренасочуваат својот товар низ Бугарија, иако оваа алтернатива не само што троши пари, туку и време, пишува „Прото тема“.

Весникот на крајот се повикува на извори од Европската комисија, според кои, во декември ќе се препорачаат заеднички грчко-Фронтекс сили кои ќе помагаат во регистрација на мигрантите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.