Проверка на состојбата со лозовите насади по ниските температури

насади

Раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство Зоран Шалев, информира дека според првичните сознанија има мрзнење кај лозјата, но нагласи дека е потребно време за да се утврди точниот процент на оштетување.

Теренската работа ќе трае неколку дена. Се земаат мостри од виновите лози кои се носат на топло и по неколку дена се констатира дали има развивање на родни папки и во колкав обем. Ваквата проверка  дава првични и неофицијални резултати за последиците од мразот, вистинскиот процент за земениот данок од страна на ниските температури ќе се знае дури откако ќе развијат лозите на пролет, појасни Шалев.

Раководителите на работните единици на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството од Кавадарци и Неготино, Драганчо Николов и Ѓорѓи Ајтов, исто така, излегоа на терен за да ја согледаат состојбата со виновите лози по големиот студ од пред неколку дена.

Како што рече Николов, се очекува штетите од мразот да бидат најголеми кај помалку отпорните сорти на грозје лоцирани покрај реките.