Пругата кон Бугарија за подобра комуникација и економска соработка

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, денеска е во работна посета на Бугарија, на еднодневен Форум на тема Балкан-инфраструктурно и транспортно поврзување меѓу Црното и Јадранското море.

На форумот покрај министерот Јанакиески присуствуваа и Министерот за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Република Бугарија, Николина Ангелкова и Министерот за транспорт и инфраструктура на Република Албанија Едмонд Хаџинасто.

На форумот беа истакнати добрите меѓусоседски односи помеѓу државите како и можностите за понатамошна соработка во делот на транспортот, патната и железничката инфарструктура.

Министерот Јанакиески посебно ги нагласи заложбите на Владата на Република Македонија околу проектот за изградба на пругата кон Бугарија, кој е во фаза на реализација во делот од Куманово до Бељаковце, со акцент дека е од исклучителната важност за потребата од нејзино целосно завршување.

Притоа, министерот Јанакиески потенцира дека во моментот е во фаза на проектирање пругата од Бељаковце до Крива Паланка а набрзо се очекува да се избере компанија што ќе го проектира и последниот дел од Крива Паланка до Деве Баир, граница со Република Бугарија.

Исто така, Јанакиески потенцираше и за значењето од изградбата на пругата до Албанија, за комплетно железничко поврзување на Коридорот 8 меѓу Албанија, Македонија и Бугарија.

На форумот министерот Јанакиески ги презентираше и проектите за изградба на двата нови автопати на Коридорот 8 и тоа автопатот “Гоце Делчев” во источниот дел од Скопје до Штип и автопатот “Мајка Тереза” од Кичево до Охрид во западниот дел на земјата, како и на Коридорот 10 на потегот од Демир Капија до Смоквица, кој води до граничниот премин со Република Грција.

Тројцата министри, утрово остварија и трилатерална средба на која ја усвоија Декларација за заеднички напор за реализација на проектите кои се од заедничко значење за трите држави.

„Со Декларацијата која ја освоивме утрово со моите колеги министри, тежнееме Коридор 8 да стане еден од приоритетите на Европската Унија, исто така сакам да потенцирам дека во Македонија се градат два нови автопати на Коридорот 8. Оваа година започнавме со работа на првата од трите делници за железничко поврзување со Бугарија, што значи дека активно работиме на проектите за поврзување на Македонија и Бугарија,“ изјави министерот за транспорт и врски Јанакиески.

Воедно, на средбата се разговараше и за проекти кои се од заеднички интерест за трите држави, со можноста да се аплицира за средства од европските фондови кои би овозможиле подобра комуникација и економска соработка.