среда, 30 ноември 2016  |  Вести денес: 54

Прв форум за заштита на личните податоци на земјите од Западен Балкан

dzlp

Последни вести

Нова алатка – веб страница deleteMe.mk со која на граѓаните ќе им се овозможи на ефикасен, ефективен и транспарентен начин да се справат со нарушување на приватноста при користењето на социјалните мрежи и како сами да си помогнат во делот на заштита на личните податоци, е промовирана денеска во рамки на Првиот годишен форум за заштита на личните податоци за земјите од Западен Балкан, што се одржа на Технолошко-металуршкиот факултет.

Форумот е во организација на Дирекцијата за заштита на личните податоци во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ.

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска истакна дека кога се работи за личните податоци не треба да се има милост.  Посочи дека се применуваат највисоки стандарди за најдобра заштита на приватноста на граѓаните. Според неа, потребно е делување и на сите нивоа, дури и подигнување на свесноста на граѓаните за потребата од заштита на сопствените лични податоци.

– Испораката на јавните услуги кои јавните институции ја вршат кон граѓаните мора да биде исклучително безбедна. Како Министерство за информатичко општество и администрација одржуваме систем за интероперабилност во кој 25 државни институции разменуваат милиони лични податоци на дневно ниво. Во таа насока мерките и стандардите за информациска безбедност кои се поставени мора да бидат исклучително високи, рече Арсовска Томовска, пренесува МИА.

Посочи дека донеле стандарди за информациска безбедност, пристапот до податоците во системите на државните органи е континуирана тема на владиниот Комитет за електронска евиденција и Координативното тело за информатичко комуникациски технологии.

Укажа на уште една нивна активност, а тоа е проектот насловен „сурфај безбедно“ кој има за цел да ги детектира он лајн заканите за безбедноста на децата и да даде совети за он лајн безбедност на децата во смисла на личните податоци кои тие ги оставаат на интернет, а особено на социјалните мрежи.

Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци Горан Трајковски рече дека станува збор за исклучително битен настан во регионални рамки и пошироко. Македонија, посочи, има чест да биде иницијатор со финансиска поддршка на Кралството Норвешка, да ги обедини сите регионални надзорни органи од областа на заштитата на личните податоци, а уште поважен момент е што сето тоа ќе биде проследено заедно со бизнис заедницата и со образовните институции.

– Веруваме дека нема да остане само предзнакот Прв годишен регионален форум, туку дека навистина ќе прерасне во традиција како за земјите од Западен Балкан така и пошироко, додаде Трајковски.

Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ, Иван Чорбев рече дека постојано се соочуваат со чување лични податоци кај себе од студентите, но од друга страна како информатички факултет образуваат идни инженери кои ќе развиваат и одржуваат системи во кои ќе се чуваат лични податоци.

– На нашите студенти им е исклучително важно да се обучени за овие проблеми на денешницата, додаде Чорбев.

Бјорн Ерик Тон, комесар за заштита на личните податоци од Кралството Норвешка рече дека проектот delete мe (избриши ме) функционира во таа земја од 2011 година.

– Сметаме дека во овој период во Норвешка сме им помогнале на илјадници луѓе со тоа што преку овој проект, преку оваа апликација можат да избришат дигитални содржини кои се објавени за нив, а кои тие не сакаат да постојат во дигиталниот простор, истакна Бјорн Ерик Тон.

Потенцира дека многу е извонредно што еден проект, една активност која почнала во друга земја во Европа, на самиот север на европскиот континент, се реплицира и спроведува во Република Македонија.

– Промовирање на оваа алатка е одлична и за граѓаните на Република Македонија бидејќи сега ќе можат некому да му се обратат, ќе имаат што да направат кога ќе почувствуваат дека имаат потреба во однос на објавување на нивни податоци во дигиталниот простор, додаде Бјорн Ерик Тон.

Најчитани вести