Прв круг претседателски избори во Грција

Во 19 часот по локално време во грчкиот Парламент се очекува да започне гласањето во првиот круг на претседателските избори во Грција, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Ќе се гласа за поддршка на Ставрос Димас кој што е кандидат на владеачката коалиција. 
Тој доаѓа од редовите на Неа Димократиа на Антонис Самарас. На македонската јавност и познат како поранешен шеф на грчката дипломатија, во периодот кога беше донесена пресудата на судот во Хаг во постапката против Грција. Тој претходно, меѓудругото, беше и Еврокомесар за животна средина.
Според предвидувањата, Ставрос Димас нема да успее да ја добие потребната двотретинската поддршка на 200 пратеници во првиот круг, а истото се предвидува и за вториот круг што ќе се оддржи по 5 дена. Сите очи ќе бидат вперени во третиот и последен изборен круг на 29 ти декември, во чии рамки ќе биде потребна поддршка од 180 пратеници. Доколку и во последниот круг Димас не биде избран за претседател на Грција, Уставот предвидува распишување на предвремени парламентарни избори во земјата, во рок од десет дена.
Последните анкети покажуваат водство на опозициската Сириза на Алексис Ципрас пред владеачката Неа Димократиа на Самарас.