Македонија

Prv.mk – апликација за полесно и побрзо информирање за пракси и вработување

Prv.mk – апликација за полесно и побрзо информирање за пракси и вработување

Водена од мотото „Од информација до кариера“, а креирана од најдобрите студенти на ФИНКИ со поддршка од Министерството за труд и социјална политика и Програмата за развој на Обединетите Нации, апликацијата Прв.мк е место каде младите ќе се информираат за сите отворени работни и волонтерски места.

Првата „Андроид“ апликација од млади за млади денеска беше промовирана од страна на министерот Диме Спасов, претставникот на програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон, и деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

Министерот Спасов појасни дека се работи за интерактивна алатка која што ќе обезбеди релевантни ифнормации за сите млади кои се заинтересирани за пракса, волонтирање или вработување. Меѓу другото, согласно програмата за развој на ОН, сите студенти и млади лица ќе можат на Прв.мк да се запознаат можностите за започнување на сопствен бизнис.

„Оваа апликација претставува надградба на сервисот кој пред повеќе од еден месец го направивме и промовиравме за Агенцијата за вработување, avrm.gov. mk, односно сервис кој ги дава сите релевантни информации за сите отворени огласи за вработување во државава, а исто така дава информации за активните мерки и политики кои ги спроведува Агенцијата на вработување“, истакна Спасов додавајќи дека еден од врвните приоритети на Владата е намалување на невработеноста.

Тој потенцираше дека со мерките на Владата и Агенцијата за вработување невработеноста е намалена на рекордно ниво. Во 2006 изнесуваше 38 отсто, а денеска 28,7 отсто, што значи дека во последниве седум години се вработени 100.000 луѓе.

Претставникот на ОН, Луиза Винтон, покрај тоа што е восхитена од убавината на Македонија и од топлината и љубезноста на нашиот народ, додаде дека е прилично изненадена од степенот на техничка писменост на младите лица во државава.

Таа нагласи дека е задоволна од резултатите кои ги постигнаа заедно со Министерстовто за труд и социјална политика на полето на самовработување.

„Во последниве седум години помогнавме да се создадат 6.000 самовработувања. Минатата година од остварени 930 мали бизниси 29 отсто се отворени од лица помлади од 29 години“, посочи таа додавајќи дека тоа се одлични можности за младите лица во Македонија.

Според неа, апликацијата Prv.mk е одлична можност за младите самите на најдат начин за да ја започнат својата кариера.

Деканот на ФИНКИ појасни дека апликацијата е целосно развиена од најдобрите студенти , на кои им биле потребни три месеци, а ќе продолжат да работат на нејзино постојано ажурирање со нови огласи и информации.

Апликацаијата prv.mk на младите ќе им овозможи  на било кое место и во било кое време да добиваат информации за нови работни места, што се бара на пазарот на трудот и какви вештини се потребни со цел да почнат да ја градат својата кариера.