Македонија

Прв натпревар во мајчин јазик и литература меѓу средните училишта во Скопје

Прв натпревар во мајчин јазик и литература меѓу средните училишта во Скопје

Во големата сала на Град Скопје, денеска свечено се  доделија наградите и сертификатите на учесниците во Првиот натпревар по мајчин јазик и литература во чест на Круме Кепески, меѓу средните училишта на Град Скопје.

„Градот Скопје го поддржува организирањето на натпревари по различни научни дисциплини, со што се создаваат можности за продлабочување на знаењата во таа област. Со особено задоволство го реализиравме овој натпревар по мајчин јазик во 21 средно училиште во чест на нашиот голем писател и деец Круме Кепески“, истакна Маја Талеска, помошник-раководител во Секторот за образование  на Град Скопје.

На доделувањето на сертификатите и наградите присуствуваа и членови на семејството на Круме Кепевски, а од нивно име на учесниците и на наставниците ментори им честиташе и им се заблагодари неговата ќерка Јованка Кепеска.

„Мојот татко целиот свој живот го посвети на својот народ и на својот јазик, и тој веруваше дека ние имаме јазик какоков што многу народи сакаат да имаат, жив и мелодичен, а секој од нас има голема улога во неговото зачувување“, истакна  Јованка Кепеска.

На натпреварот, кој се одржа на 27-ми ноемвври во просториите на СУГС „Здравко Цветковски“,  учествуваа 80 ученици од трета и четврта  година од 21 средни училишта, кои се во надлежност на Град Скопје.

Првиот  натпреварот по мајчин јазик меѓу градските средни училишта го организира Град Скопје во соработка со професори по мајчин јазик од сите 21 средно училиште, кои се во негова надлежност. Главната цел на натпреварот  беше да се поттикне конструктивен натпревар меѓу учениците за постигнување повисоки образовни цели, како и продлабочување на знаењата на учениците.