Прв пораз на Алкалоид на Европскиот клупски куп

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ со меѓународно засилување

Шаховскиот клуб Алкалоид го претрпе првиот пораз на Европскиот клупски куп што се одржува во Скопје, откако синоќа во дуелот од 5.коло загуби од Падова со 3,5:2,5.

Од другите македонски екипи Гамбит Асеко го победи холандскиот тим Ен Пасант со 4:2, додека другите две екипи одиграа нерешено.

Центар „ремизираше“ 3:3 со данскиот тим Јестмарк, додека Карпош одигра 3:3 со Кардиган од Велс.

Денеска во рамите на 6.коло Алкалоид ќе игра со лидерот на табелата екипата на Сиберија, Гамбит Асеко за противник го има тимот на Марена , додека Центар ќе игра против Бешикташ, а Карпош за ривал ја има екипата на Абергавени од Велс.

На чело на табелата е Сиберија со 10 поени, а Алкалоид е во групата на осум екипи со 8 бодови на делба од 2-то до 9-то место.

Женската екипа на Гамбит Асеко во 5.коло ја победи екипата на ШСМ со 3:1 и се наоѓа на втората позиција на табелата со 8 поени, зад екипата на Нона која има 10. Денеска женскиот тим на Гамбит Асеко ќе игра против Ришон Лезион од Израел.