Прв пораз на Македонија на Светското првенство во Катар

Македонија го претрпе и првиот пораз на Светското Првенство во Катар откако денеска загуби од селекцијата на Хрватска со 26-29 . По одличното прво полувреме во кое во поголем дел бевме подобар ривал од „коцкестите“, како пресуден се покажа падот на стартот од вториот дел, кој надополнет со неколкуте судиски услуги за противникот придонесе Хрватска да создаде солидна предност што знаеше како да ја задржи до самиот крај на мечот, објавува Екипа. Но, не бевме инфериорни, покажавме завиден квалитет, ги намачивме Хрватите, кои секако имаат амбиции и за освојување на медал на овој мундијал.

Борко Ристовски одлично го почна мечот бранејќи му зицер на Бичаниќ, за на спротивната страна да биде „награден“ со голот на Манасков за почетно водство од 1-0. Хрватите се покажаа опасни преку полуконтри, но затоа контранападите на Македонија функционираа одлично, па по двата гола на Георгиевски поведовме со 4-3. Одличната игра на Македонија продолжи, па со вториот погодок на Кире Лазаров стигнавме и до предност од 7-4, а кога Стоилов погоди за 9-5 хрватскиот селектор беше принуден да побара тајмаут.

За само две минути по тајмаутот на Голужа противникот постигна три гола, по што Обрван реши да земе минута одмор за да ги посоветува македонските ракометари. Постот од пет минути без наш гол го прекина Прибак, кој собра сили да настапи и покрај труењето со храна поради кое во текот на вчерашниот ден мораше да му биде укажана лекарска помош. Во вистински момент во ритам влезе и Мојсовски, кој постигна два гола во низа за водство од 12-11, изнудувајќи и исклучување за Игор Вори. Никола Маркоски го промаши и вториот зицер со кој можевме дас поведеме со 14-11, а искусниот хрватски состав знаеше како да го казни тоа, па на одмор се замина со предност на „коцкестите“ од 15-14.

Второто полувреме го почнавме со два пенали на Кире Лазаров, но потоа на сцена стапија судиите, кои во два напади набрзина ги исклучија Миркуловски и Лазаров, оставајќи го нашиот тим со двајца играчи помалку во поле. Подароците од чешката судиска двојка искусниот хрватски состав знаеше како да ги искористи, па во 42. Минута резултатот гласеше 20-17 за противникот, по што Обрван беше принуден да побара тајмаут.

mkd-hrv1

Сепак, по тајмаутот во ритам влезе Алиловиќ, кој нанижа неколку интервенции и им овозможи на своите сонародници да поведат и со пет гола разлика (22-17). Македонскиот пост го прекина Стоилов, кој воедно и изнуди исклучување од Гојун, но Хрватите веќе беа влезени во ритам, па и со играч помалку прелесно го наоѓаа патот до нашата мрежа. Последните десет минути беа само рутина за „коцкестите“, нашите ракометари стигнаа до „минус два“, но немаа сили за целосен пресврт, па мечот го загубија со конечни 26-29.

Кире Лазаров со седум гола беше најефикасен во нашите редови, а Иван Чупиќ беше нездржлив за нашата одбрана и постигна девет погодоци. Мирко Алиловиќ исто така беше на високо ниво, со 13 одбрани, исто колку што имаше и нашиот чувар на мрежата, Борко Ристовски.

Утре повторно е слободен ден за македонската репрезентација бидејќи на програмата се средбите од групите Ц и Д, а в петок ќе го играме последниот меч од групата против селекцијата на Австрија, дуел што ќе решава за второто место на табелата.

Извор: Екипа