Прв пораз на ПСЖ, Монако ја намали разликата

Во 16-то коло од фудбалското првенство на Франција, водечкиот Пари Сен Жермен во саботата го доживеа првиот годинешен пораз, и тоа од слабиот Расинг Стразбур, додека второпласираниот Монако минимално го совлада претпоследниот Анжер.

Единствениот гол на натпреварот и победнички за Монако го постигна Радамел Фалкао уште во 2 минута.

Фудбалерите на ПСЖ вообичаено доминираа на теренот и упатија дури 29 удари кон противничкиот гол, а домаќинот имаше само пет удари, но на крајот сепак славеше клубот од Стразбур.

Домашните поведоа во 13 минута преку Нињо Да Кошта, а на 1:1 израмни Килијан М’бапе во 42 минута. Победничкиот гол за Расинг Стразбур, кој со оваа победа собра 18 бодови и се искачи на 16-то место на табелата излегувајќи од зоната за испаѓање, го постигна Стефан Баокен во 65 минута.

Во другите саботни натпревари Лил со голот на Николас Пепе во 63 минута го совлада Тулуз, а со истиот резултат (1:0), Гингамп со голот на Џими Брианд во 22 минута славеше на гостувањето кај Троа. Рен со 2:0 го совлада Амиен, а стрелци беа Веби Казри во 72 и Бенжамин Андред о 84 минута. Ница со 3:1 го совлада Мец. Погодоците ги постигнаа Аласан Плеа во 26, Марио Балотели во 56 минута Алан Сен-Максимен за домашните, додека почесниот гол за гостите го постигна во 29 минута Нолан Руа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.