Прв саем за вработување во Македонија

Првиот саем за вработување ќе се одржи идниот вторник (14.10.2014) во Скопје во салата „Борис Трајковски“. Во периодот од 10 до 17 часот компаниите кои имаат потреба од нови вработени ќе ги презентираат своите активности, а лицата кои бараат работа ќе може да остварат подобра комуникација со нив, како и да се запознаат со условите кои ги нудат компаниите.

-Сите компании кои што ценат дека имаат потреба да ги презентираат своите потреби од кадар пред лица кои се баратели на работа да ги пријават своите апликации во АВРМ, да ја пополнат апликацијата која веќе постои на страната на Агенцијата и да земат учество на овој саем каде ќе може пред лица кои се баратели на работа да ги истакнат нивните потреби од вработени, соодветниот профил на лица кои им се потребни, како и да стапат во комуникацијата со самите баратели на работа со крајна истанца да можат да засноваат еден подолгорочен однос во кој што ќе добијат вработени кои имаат соодветни знаења и ќе може да придонесат во нивниот работен процес и во остварување на поголема профитабилност, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Сите оние лица кои се баратели на работа, лица кои се невработени, но и лица кои имаат определено вработување, но амбицираат да стекнат друга работна позииција, може да го посетат овој саем и да се запознаат со потребите кои ги имаат работодавачите, во поглед на определен профил на работник, но и да разменат информации со нив.

Ѓорѓиев посочи дека ќе бидат застапени поголем број на активности. Планирани се обуки во поглед на аплицирање за добивање на работа, истражување на можностите за вработување, изготвување на лична биографија, но и презентации на позитивни искуства од млади луѓе кои стекнале работа во определена компанија.

Идниот вторник со скопскиот саем за вработување, започнува една поширока серија на саеми кои ќе се одржат во различни градови низ Македонија. До крајот на годината Саеми за вработување ќе се одржат во Неготино, Тетово, Штип, Охрид, Струмица, Куманов и Битола.