Прв состанок на заедничкиот комитет помеѓу Владите на Македонија и на Црна Гора

Државниот секретар Елена Кузмановска, заедно со Државниот секретар за европска интеграција и Главен преговарач со ЕУ на Црна Гора, Александар Андрија Пејовиќ, денеска го отворија Првиот состанок на заедничкиот комитет во рамки на договорот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора во контекст на процесот на пристапување во Европската унија. Пред почетокот на состанокот, државниот секретар Пејовиќ беше примен од министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Заедничкиот комитет е составен од претставници на министерствата за надворешни работи и претставници од други министерства од двете земји и е форум за зајакнување на постојната соработка во полињата на заедничките интереси, особено во економијата, трговијата, правдата и внатрешните работи, а со цел да се забрза процесот на институционалните прилагодувања за олеснување на усвојувањето на законодавството и праксите на Европската унија.

Намерата е преку размена на искуствата од преговорите и ЕУ интеграцијата во различни области од европското законодавство да се помогне во заедничките подготовки за членство во ЕУ. Фокус на првиот состанок се 4 важни теми од законодавството на ЕУ: поглавјата 23 – Правосудство и фундаментални права и 24 – Правда и внатрешни работи, додека утре ќе бидат разгледани поглавјата 11 – Земјоделство и рурален развој и 27 – Животна средина и климатски промени.

Државниот секретар Кузмановска потенцираше: „Намерата е Заедничкиот комитет да прераснe во ефикасен билатерален форум за дискусии за европската агенда, за негување на директни контакти меѓу нашите администрации, за продлабочено меѓусебно запознавање и јакнење на заемното разбирање. Соработката со Црна Гора е особено важна за нас, заради градење на прагматично ориентирано партнерство кое ќе придонесе кон натамошно јакнење на капацитетите на македонската администрација за спроведување на критериумите и стандардите на ЕУ.“

На состанокот кој ќе трае два дена учествуваат високи државни службеници и експерти од неколку министерства на Република Македонија и Црна Гора. Во рамки на посетата беа одржани и ЕУ политички консултации меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Црна Гора, кои беа водени од Државните секретари Кузмановска и Пејовиќ.