Прва едуктивна работилница за пензионери во Карпош

Фондот за здравствено осигурување на Македонија ја почна новата рунда едукативни работилници со здруженијата на пензионери во координација на Сојузот на здруженија на пенизонери на Македонија. По тој повод, директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова денеска ја отвори првата едукативна работилница за пензионери во општина Карпош.

– Годинава по барање на пензионерите почнуваме нови теми за лекови и ортопедски помагала. Минатата година го почнавме овој проект, го реализиравме во 15 градови односно на 17 локации на тема „Правата од осигурување и здравјето одновно превенција на здравјето“, но поради поголемиот одѕив на пензионерите ветивме и веќе направивме план оваа година да направиме работилници во секој град. Ќе организираме 30 работилници, изјави Парнарџиева Змејкова.

Посочи дека темите се однесуваат на детално елаборирање на прашањата, проблемите, сугестиите и правата на пензионерите во сегментот за лекови и за ортопедски помагала, со поголем фокус на новините кои ги имаат спроведено во изминатите година два, а за кои сакаат да се уверат дали највозрасните осигуреници се во целост информирани.

Првпат, појасни директорката на ФЗОМ, со пензионерите од Карпош ќе дискутираме за тоа дали се информирани за новото право кое стапи на сила овој месец за електромоторен скутер за лица на возраст над 65 години со хендикеп, односно одземеност на двата долни екстремитети.

– Во фаза на реализација е можноста сите нови пензионери да имаат континуирано здравствено осигурување без оглед дали го имаат добиено решението од Фондот или се уште се во фаза на добивање. Задоволни сме од интересот на пензионерите, од личната координација со Сојузот и со сите здруженија во градовите, додаде Парнарџиева Змејкова.

Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски рече дека успешната соработка со Фондот која ја почнале минатата година дала големи резултати. Во Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, појасни, членуваат 250.000 пензионери.

Потенцира дека имале средби на кои пензионерите прашуваа за се она што ги интересира од здравствената заштита, здравственото осигурување, за аптеките, лекарите и други прашања на кои од Фондот.

– Пред две години секој кој беше на болничко лекување плаќаше партиципација. Минатата година имавме од 13.000 пензионери со пониска пензија кои користеа бенефиција за бесплатно болничко лекување. Со наше настојување и со разбирање од Фондот и од Министерството за здравство успеавме од пред две години сите пензионери кои имаат пензија под просечната 12.450 денари да имаат бесплатно болничко лекување. Таа привилегија сега ја имааат 170.000 пензионери, истакна Аргировски.

Додаде дека соработката со ФЗОМ ќе продолжи и натаму со интензивно темпо.