Прва европска опомена за СЈО и нивните методи!

За препорaките на ГРЕКО во однос на Македонија, но и за работата на Специјалното обвинителство, во интервју за ТВ Нова зборуваше Марин Мрчела, судија и претседател на ГРЕКО групата на држави за борба против корупцијата во Советот на Европа.

„Не можам ниту јас, ниту ГРЕКО да ја оцениме работата на СЈО, ние во одредени ситуации даваме препораки на државите кога гледаме дека постои простор за подобрување, кога станува збор за контакти меѓу обвинителства, судови и медиуми бидејќи знаеме дека тоа е многу важно. Секако дека контактите и прес-конференциите се неопходни во одредени ситуации поради впечатокот за ситуацијата и треба да се води сметка за тоа кога и колку се одржуваат. Јас знам од искуство, барем обвинителите, оние со кои јас комуницирам, тие не се пресреќни со јавни настани од две причини. Како прво кога ќе се направи истрагата и се подигне обвинение процесот не е готов, туку само што почнал. Другата работа е што истрагата по својата природа, се води во една фаза на постапката и не пред очите на јавноста бидејќи на тој начин може да се сокријат доказите. Овде е важна уште една работа, а тоа е презумпција на невиност. Тоа е како што знаете составен дел на начелото на правичност според конвенцијата и според Уставите на многу држави, како и според Уставот на Македонија и на тие јавни настани треба да се води сметка дека личноста против која е покренато обвинение е невина, додека на суд не се докаже дека е виновна“, истакна Мрчела.

Тој додаде дека од овие причини колку повеќе има јавни настани во медиумите на политичарите или на кој било друг каде што се создава впечаток за некоја личност дека е виновна, поголема е можноста таа личност на Европскиот суд за човекови права да го добие случајот поради повреда на презумпцијата на невиност.

Ова е прва, стручна и јавна опомена до СЈО за нивните методи кои ги применуваат, особено за делот на пропагандната логистика и поддршка на СДСМ со јавно валкање и обвинување политички противници на СДСМ на прес конференциите на СЈО, како и соработката на СЈО со таканаречениот невладин сектор и медиуми под контрола на фондацијата Сорос и СДСМ, кога СЈО ги плаќа како консултанти од нивниот државен буџет и дополнително заднински им дава информации кои потоа медиумите на СДСМ ги објавуваат за потреби на партиска пропаганда на СДСМ, анализира порталот Старт.

СЈО, медиумите и таканаречениот невладин сектор на Сорос, како и активисти и политичари од СДСМ две години без запирање вршат физички, вербален и пропаганден притисок врз судот, за што во повеќе наврати реагираа и судовите, како и Судскиот совет.