Прва гостинска победа за МЗТ Скопје оваа сезона во АБА лигата

мзт

Ова беше убедливо најдобрата партија на „аеродромци“ во која сите кошаркари што се појавија на паркетот во салата „Стожице“ одговорија на задачите од тренерот Анте Назор, а триумфот е позначаен, бидејќи е остварен без Шарлон Клоф, кој не настапи поради повреда на препоните. Нападот беше феноменален, а одбраната агресивна во текот на целиот меч.

МЗТ Скопје го контролираше резултатот сите 40 минути и на крајот заслужено дојде до седмата победа во 21. коло од регионалното натпреварување, извонредно значајна во борбата за опстанок.

Дури пет играчи во „сино-белиот“ состав имаа двоцифрен поентерски учинок, а предводник беше Ксавиер Темс, кој со 21 поен, три скока и четири асистенции со што потврди дека се враќа на нивото на кое беше пред да замине во САД по смртта на својот татко. Одлични беа и Ѓорѓе Дреновац со 17 поени, четири скока и пет асистенции, Џош Скот со 15 поени, осум скока, четири асистенции и четири блокади како и новодојдениот Девон ван Острум кој средбата ја заврши со 15 поени, четири скока и три асистенции.

Табела по некомплетното 21.коло: Црвена звезда 20-1 (победи-порази), Партизан 16-5, Цедевита 15-6,  Будуќност 14-6, Цибона 11-9, Игокеа 10-11, Олимпија 9-11, Карпош Соколи 9-12, ФМП 8-13, Морнар 7-14, Мега 7-14, МЗТ Скопје 7-14, Крка 7-14, Задар 6-15.

Шансата за трета победа во низа македонскиот шампион ќе ја има в недела кога во Скопје гостува тимот на Крка.