Свет

Со „прва класа“ од Сирија до Шведска – поинаква приказна на еден мигрант

Со „прва класа“ од Сирија до Шведска – поинаква приказна на еден мигрант

Со „прва класа“ од Сирија до Шведска. Овој мигрант има една сосема поинаква приказна, за тоа како успеал да стаса до Шведска и да избега од војната.

За Сиријците што бегаат од војната Обединетите Арапски емирати не се редовна точка од каде го започнуваат патувањето, но токму оттаму 26-годишниот Тарик тргнал на пат со „пет ѕвездички“ до новиот живот во ветената земја Шведска.

Тарик платил голема цена за да ги избегне сите опасности со кои што се соочуваат останатите бегалци. Мигрантите обично плаќаат по 700 евра за патување преку море до Европа, а за таа цена само може да добијат место на преполнетите и рѓосани бродови.

Минатата година загриженото семејство на Тарик, кое што и припаѓа на средната сириска класа, платило 7.000 евра за синот безбедно да им стигне до Шведска. Иако цената била превисока, сепак се исплатило. За разлика од 2.500 други несреќни лица што годинава се удавија обидувајќи се да стигнат од Северна Африка до Европа, Тарик до Скандинавија стасал сигурно и релативно удобно.

Тарик живеел во центарот на Дамаск, кој беше делумно поштеден од воените разорувања. Но, тамошните млади луѓе служат редовен воен рок. Ако останат неповикани во војска, тогаш се соочуваат со разорената економија и немаат речиси никакви шанси да се вработат.

Се најдов во ситуација да мора да бирам помеѓу животот на „товар“ на родителите и обидот да најдам подобар живот во странство, вели Тарик за агенцијата Ројтерс, пренесуваат светските медиуми.

Тој година и пол се обидувал да најде работа преку интернет, но немало резултат. Потоа добил работна виза во Обединетите Арапски Емирати, каде неговите роднини имале мала компанија. Таа приватна авантура брзо пропаднала, па момчето повторно се нашло на почетокот и повторно негова цел била да стаса до Европа.

Кога веќе неможеле да го разубедат, родителите одлучиле да му платат безбедно патување.

Истражувавме и откривме дека ако платите повеќе можете да патуватe со „прва класа“. Сакавме да бидеме сигурни деа нема да му фали ниту едно влакно на главата, изјавила мајката на Тарик, Рема.

Патот на Тарик започнал со комерцијален лет до Турција, каде сиријците може да стасаат без поголеми бирократски препреки. Во Истанбул неговите сонародници го споиле со криумчарите.

Патот на Тарик започнал со комерцијален лет до Турција
Патот на Тарик започнал со комерцијален лет до Турција

По една недела во хотел. Од Истанбул тој повторно со авион одлетал до Измир, каде се качил на мал, но удобен брод и тргнал на краток пат до грчкиот остров Родос. Спротивно од големиот број бегалци што на Медитеранот стравуваат за нивниот живот, Тарик само морал да се грижи да не го запре грчката крајбрежна стража. Тоа не се случило и криумчарите го оставиле на една од плажите. Следејќи ги нивните упатства тој со такси се упатил до најблиската полициска станица и се регистрирал како бегалец. Грчката полиција му соопштила дека несмее да го напушта островот, но Тарик не обрнал внимание на тоа и повторно им се обратил на криумчарите кои што повторно сигурно го однеле во Атина.

Во еден хотел во Атина го чекале лажен француски пасош и словачка лична карта. Со тие документи тој безгрижно се качил на лет за Франција. Кога слетал, поради тоа што веќе бил влезен во шенген зоната, без никакви препреки стасал до Шведска.

Тарик е еден од 81.000 бегалци што минатата година побарале азил во Шведка, земјата која има долга традиција на прифаќање бегалци. Тој уште следниот ден побарал дозвола за постојан престој. Сега живее во Болиден во североисточна Шведска.

Се надевам дека следната година ќе може да се вратам на Блискиот Исток со шведскиот пасош, изјави Тарик.