Прва победа на Милан под водство на Гатузо

Во средбата од 16-то коло на италијанската Серија А, Милан на својот „Сан Сири“ ја совлада Болоња со 2:1, остварувајќи ја првата првенствена победа под водство на новиот тренер, својата некогашна играчка ведета Џенаро Гатузо.

Џенаро Гатузо стартуваше на клупата на „Росонерите“ со ремито минатото коло против последниот Беневенто (2:2), за кој тоа беше единствениот бод оваа сезона, а потоа загуби во Лигата Европа кај хрватскиот претставник Ријека (0:2). Во третиот меч ја дочека првата победа, иако лено можеше да се случи Болоња да освои бод.

Јунак на Милан беше двојниот стрелец Џакомо Бонавентура, во 10 и 75 минута, додека голот за гостите во 23 минута го постигна Симоне Верди. Болоња се држеше добро до вториот примен гол, и само по две минути по него можеше да изедначи на 2:2, но стативата го спречи ударот на Адам Масин.

Во претходно одиграниот дуел Наполи одигра 0:0 со Фиорентина и така ја пропушти можноста да се врати на чело на табелата во Серија А. Откако Јувентус и Интер во саботното дерби во Торино одиграа, исто така, без голови. Наполи имаше можност со победа да ги прескокне, но како домаќин ја пружи една од најслабите партии сезонава, што беше далеку од доволно да се скршат „Виолите“. Ова е трета средба во низа за Наполи без победа, по поразот од Јувентус во домашното првенство и Феенорд во Лигата на шампионите.

Кикс во неделата направи и Рома која во Верона одигра со слабото Киево, исто така, без голови. Еден од најзаслужните за овој резултат е 38-годишниот голман на домашните Стефано Сорентино кој имаше низа успешни интервенции. Играчите на римската „Волчица“ уапатија дури 24 удари кон противничкиот гол, од кои осум во рамките, но не успеаја да постигнат гол.

Удинезе без поголеми напори ја одработи победата против Беневенто од 2:0. Двата гола за екипата од Удине беа постигнати во првото полувреме, а стрелци беа Антони Барак во 4 и КЛЕвин Ласања во 42 минута.

Во дербито на дното СПАЛ и Верона одиграа возбудливи 2:2. Гостите до последните 10 минути водена со 2:0 со головите на Алесио Черчи постигнат од пенал во 55 минута и на Мартин Качереста во 69 минута, но СПАЛ во самата завршница изедначи преку Алберто Палоши во 82 и Мирко Аннтенучи од пенал во 88 минута.

Колото во понеделник го заокружуваат дуелите Џенова – Аталанта и Лацио – Торино.

На табелата води Интер со 40 бодови, Наполи има 39, Јувентус 38, а Рома 35 бодови. Последните три места, коишто водат во Серија Б, ги држат СПАЛ со 11, Верона со 9 и одамна веќе отпишаниот тим на Беневенто со 1 бод.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.