Прва пресуда за нападот врз Села во среда

Кривичниот суд на 13 јуни ќе ја објави пресудата за нападот врз Зијадин Села, во одвоен процес против Цејо Георгиевски и Стојан Павлевски, кои на денешното рочиште ја признаа вината за насилството во Собранието од 27 април минатата година.

Постапката за седуммина други обвинети продолжува на 2 и 5 јули, за кога се закажани завршни зборови. За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.

Застапникот на обвинението Дарко Јакимовски, во завршни зборови, кажа дека со оглед на признанието на вина Судот обвинетите да ги прогласи за виновни и казни за стореното дело.

Казната за ова дело е од шест месеци до пет години, што отвора можност за алтернативна санкција. Сметам дека било какво алтернативно казанување ќе значи банализација на делото. Ако вака лесно се влегува во Собранието и се напаѓа, што станува со останатите заштитени објекти. Обвинетите биле свесни, без разлика на поводот, дека ја надминале дозволената граница, рече Јакимовски.

Обвинетиот Цејо Георгиевски, во завршен збор, рече дека се покајува што влегол во Собранието и дека не сакал никого да повреди.

Вакво нешто нема да се повтори во иднина, рече Георгиевски.

Обвинетиот Стојан Палевски, во завршен збор, рече дека имал време овие осум месеци во притвор да размисли што направил со неговото влегување во Собранието, без никаква намера да повреди никого.

Никогаш и во ниеден момент не би го направил истото што го направив тогаш, рече Павлевски.