Прва седница на Комисијата за импичмент на Иванов

Комисијата за оценување на основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција или т.н. Комисија за импичмент денеска ќе ја оддржи својата прва седница во Собранието на Република Македонија.

Единаесетчлената комисија треба да го разгледа предлогот поднесен од опозицијата за покренување постапка за утврдување на одговорноста на претседателот Иванов.

Претседател е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, од чија пратеничка група има уште пет члена, а по два члена се од ДУИ и од СДСМ и еден од ДПА.

СДСМ реагираше дека не е соодветен бројот на членови и предлогот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ да биде претседател на Комисијата поради што поднесе тужба до Управниот суд за оспорување на Комисијата.

Комисијата има рок до понеделник да подготви финален извештај што потоа треба да го образложи на пленарна седница во Собранието.

СДСМ ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани, да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив.

Кабинетот на Иванов вчера соопшти дека дотогаш нема пристигнато ниту едно барање за поништување на помилување од лицата чии помилувања не беа опфатени со новата одлука на претседателот.

Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на Иванов треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.