Прва средба на Мајк Пенс со лидерите на ЕУ и НАТО

Американскиот потпретседател Мајк Пенс денеска првпат ќе се сретне со лидерите на Европската унија и НАТО, на последниот ден од неговата официјална посета на Европа, во чии рамки сакаше да ги увери партнери на САД дека ја имаат поддршката на претседателот Доналд Трамп.

Пенс денеска во Брисел треба да се сретне со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со првиот човек на Европската комисија, Жан Клод Јункер, додека во попладневните часови е планирана мегова средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Брисел, каде синоќа Пенс се сретна со белгискиот премиер Шарл Мишел, е последна станица на европската турнеја на американскиот потпретседател.

Во текот на викендот тој учествуваше на Минхенската безбедносна конференција, на која присуствуваше светската дипломатско-воена елита.

Во таа прилика тој изјави дека САД ќе бидат непоколебливи во поддршката на НАТО и оти ја сметаат Русија за одговорна за состојбата во Украина, обидувајќи се да ги смири европските сојузници загрижени од изјавите на Трамп дека НАТО е застарен и оти планира да ги подобри односите со Москва.

– Претседателот Трамп ви порачува: САД ќе бидат непоколебливи во поддршката на Алијансата, рече Пенс пред европсите лидери, собрани на безбедносната конференција во Минхен.

– И денес и секогаш САД ќе бидат вашиот најголем сојузник. Трамп и американскиот народ се целосно посветени на трансатлантската унија, додаде Пенс.

Сепак вториот човек на САД отстапи на ставот на Вашингтон дека европските сојузници мораат да ги зголемат издвојувањата за одбрана до посакуваните два отсто од БДП. – САД очекуваат од сојузниците од зборови да преминат на дела. Дојде време да се стори повеќе, порача Пенс.

Изнесувајќи ја надворешно-политичката и безбедносната стратегија на новата американска Администрација Пенс изјави дека Вашингтон и „натаму Русија ја смета за одговорна“ во однос на Украина, иако Трамп се обидува со неа да „најде нов заеднички јазик“.

– Москва мора да ја почитува спогодбата за примирје од Минск и да престане со воените операции на истокот на Украина, додаде Пенс

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.