Прва жртва на западнонилската треска во Романија

Романското Министерство за здравство денеска соопштија дека е регистрирана првата жртва на западнонилската треска во Романија оваа сезона.

Станува збор за 79-годишен маж од источнороманскиот округ Галац, кој имал и други заболување, а западнонилската треска само дополнително ја влошила неговата здравствена состојба.

Според податоците на романскиот Национален центар за следење и контрола на заразните болести, во периодот од 2 мај, па до 8 август, во Романија се регистирани вкупно 23 лица инфицирани со вирусот на западнонилската треска, од кои 11 само во текот на овој месец.

Најголемиот број од заразените се од реоните долж течението на реката Дунав, како и од источните делови на Романија.

Претходно денеска и грчкото Министерство за здравство информира дека од почетокот на летото во Грција се регистирани 55 случаи на лица заболени од Западнонилска треска, од кои починале две, на возрасaт од над 80 години.

Пред два дена, српскиот Институт за јавно здравје „Др. Милан Јовановиќ – Батут“ соопшти дека во Србија годинава се регистрирани 102 случаи на лица заболени од западнонилска трска, од кои деветмина починале.

Според податоците на српскиот Институт, петмина од починатите се од реонот на Белград, а останатите четворица од Војводина. Сите заболени лица се жители на Војводина, Белград или реоните долж течението на Дунав.

Вирусот на Западнонилската треска се пренесува на луѓето само преку убод од инфицирани комарци. Вирусот од Африка на европско тло го носат птиците преселници, од кои се инфицираат комарците и потоа ја шират заразата. Болеста на Балканот вообичаено се појавува кон крајот на мај или почетокот на јуни.