Прванов и Топи гости на Конференцијата за млади лидери

Поранешните претседатели на Бугарија и на Албанија, Георги Прванов и Бамир Топи викендов во Охрид ќе учествуваат и ќе се обратат на дводневната Конференција за млади лидери, што се одржува на иницијатива на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Тема на дводневната конференција, на чие отворање ќе се обрати претседателот Иванов, е „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“. На неа ќе учествуваат претставници на петте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов се одржува од 2010 година на годишна основа.

На лидерската конференција, покрај Прванов и Топи, како што соопшти кабинетот на Иванов, ќе учествуваат и Драган Стефановиќ, професор по политички науки од САД и правникот Мухамед Мешиќ, познат по говорењето на десетици светски јазици.

Во рамки на дводневната конференција ќе биде одржана дебата на тема „Придонесот на ИСЛАА во лидерството на следната деценија“.

Досега, на Школата за млади лидери учествуваа околу 200 млади луѓе со различен академски и професионален фокус. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.