Прванов: Македонија е создадена на бугарска територија

Поранешниот бугарски претседател Георги Прванов вели дека македонската држава е изградена на бугарска почва и дека откако Македонија се откажа од античката историја почна да го гради идентитетот врз база на кражба на бугарската историја.

Прванов е категоричен дека периодот од крајот на XIX и почетокот на XX век не може да биде оценет на друг начин освен како бугарски во македонската историја. „Македонската држава се создава, се јавува на бугарска почва“, изјави Прванов во интервју за Радио „Фокус“.

Според Прванов, Бугарија мора да ги извлече аргументите кои зборуваат за бугарската кауза за да се користат на Балканот и да се популаризираат во Европа. Тој уште додал дека договорот за добрососедство утврдува некои позитивни процеси, но крие и одредени ризици.

„Високо го цениме потпишаниот договор минатата година меѓу Бојко Борисов и Зоран Заев и имав очекувања тој да отиде многу подалеку од она што сме го направиле во претходните години. Но, не е доволно државниците да застанеме еден до друг. Многу е важно да се дознае вистината”, вели Прванов.

Прванов беше претседател на Бугарија во периодот 2002-2012 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.