Првата дама на Бразил во облека скокна во вода да си го спаси кутрето

Првата дама на Бразил, Масела Тадески Темер, без размислување облечена скокнала во езерото во кругот на претседателската резиденција за да го спаси своето кутре, што резултираше со низа коментари кои ја исмеваат и со шеги на сметка на нејзиниот непопуларен сопруг на социјалните мрежи.

Додека со синот шетала низ резиденцијалниот парк, нејзиниот пес Пиколи од расата џек расел, завршил во езерото настојувајќи да се одржи на површината. Гледајќи го како се измачува, поранешната 34-годишна кралица на убавината се фрлила по него во водата.

Инцидентот се одиграл на 22-ри април, но за него весниците во Бразил известија во понеделникот вечерта. И веднаш стана предмет на национална забава и шеги меѓу кориснците на социјалните мрежи.

Седумдесет и седумгодишниот Мишел Темер е еден од најомразените претседатели коишто Бразил ги имал во историјата, па лево ориентираниот блогер Леонардо Стопа напиша дека Марсела Темер песот го спасила бидејќи „тој е единствениот преостанат приврзаник на Темер“. Друг влијателен блогер, Хозе Шимао, пак, твиташе. „Кучето на Марсела се обиде да се убие бидејќи веќе не можеше да го поднесе Темер“.

Против бразилскиот претседател, кого го поддржуваат САД, покренати се бројни истраги против корупција, и често во карикатурите е прокажуван како митскиот гроф Дракула, а цел е и на критики и поради тоа што од својата млада сопруга е повозрасен цели 43 години.

Медиумите пишуваат и дека, наводно агент од претседателското обезбедување, кој одбил да му помогне на песот во неволја, добил отказ.